Притвор за жената која го узурпираше локалитетот „Камени кукли“ и нападна полицајци
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово одреди притвор на 41-годишна жителка на Кратово, која вчера беше приведена откако нападна полицајци додека вршеле службени дејствија заради узурпација на локалитетот „Камени кукли“, во кратовското село Куклица.
„Осомничената подолг период, и покрај сите досега преземени мерки, продолжува да го узурпира локалитетот „Куклица“, кој со указ е прогласен за споменик на природата, да им наплаќа влезници на посетителите без правен основ, да се расправа со нив и да им се заканува, со што постојано го нарушува јавниот ред и мир“, соопшти ОЈО Куманово.
При последниот инцидент осомничената физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат.
„Јавниот обвинител го имаше предвид и фактот дека против ова лице веќе е во тек постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Куклица“, во која и се изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана да ја посетува локацијата, меѓутоа таа одбегнува да го прими и почитува решението. Исто така, осомничената заедно со нејзиниот сопруг и претходно учествувала во дејствија на спречување службено лице во вршење службено дејствие кон пазарни инспектори“, наведува Обвинителството.
Оттаму додаваат дека постои опасност од бегство, но и на јасна тенденција осомничената да продолжи да врши кривични дела.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен и судот со решение ја определи притворската мерка“.