Продолжува блокадата на „Краста“
Жителите на кумановските села Пчиња и Студена Бара и денеска продолжија со блокадата на патот кон депонијата „Краста“.
Претседателот на месната заедница, Александар Илиевски, вели дека локалното население дава максимална поддршка на протестот и масовно се вклучува во активностите за решавање на овој децениски проблем.
„Продолжуваме со блокадата до изнаоѓање алтернативно решение за складирање на сметот на друга локација. Се извинуваме уште еднаш на граѓаните на Куманово, но ние немаме друг начин да ги натераме надлежните да го решат проблемот. Воедно, бараме и поддршка од граѓаните на Куманово и околните села, бидејќи само здружени можеме да дејствуваме за да се зачуваат природата и животната средина. Нашиот протест нема политичка заднина. Ова е наш проблем и ќе останеме на барањата до негово целосно решавање“, вели Илиевски.
Тој ги повика надлежните да дојдат на блокадата, да се соочат со граѓаните и да им кажат како планираат да го решат проблемот.
Илиевски додава дека досега никој од надлежните не ги контактирал.
Од ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека продолжуваат интензивно со активностите за гаснење на пожарот на депонијата. На терен се два багери, а во текот на денот се очекува да пристигне уште еден, кој ќе се вклучи во покривањето на жариштата со земја.
Оттаму додаваат дека пожарот и чадот се со помал интензитет во однос на претходните денови.
Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) информираат дека и Противпожарната единица Куманово во текот на ноќта интервенирала четири пати на гаснење на пожарот.
„Пожарот на депонијата „Краста“ се гасеше со 2 багери и неколку камони од приватни компани кои носат замја и цистерни со вода од ЈП Чистота и Зеленило од раните утрински часови. Моментално нема оган има само дим на некои место и се продолжува и данеска со носење на земја и вода“, велат од РЦУК.
Жителите на селата Пчиња и Студена Бара, вчера започнаа со блокада на патот кон депонијата „Краста“ и каменоломите што се наоѓаат во нејзина близина, со барање до надлежните локални и државни институции да го решат долгогодишниот проблем со загадувањето на животната средина, поради што животот во селата станал неподнослив.