Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба. Патот е долг 4,5 километри, а инвестицијата изнесува 1,2 милиони евра. Проектот е дел од Коридорот 8.
Со изградбата на експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и проширувањето и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир, целосно се развива источното крило на Коридорот 8, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
„Ова не е само обиколница на Крива Паланка, туку поврзување со Бугарија и витален дел од Коридорот 8, во којшто значително инвестираме со цел негов развој. Минатиот јануари беше пуштен во употреба експресниот пат од Крива Паланка до Страцин и ова е природно надоврзување на тој проект. Во моментов интензивно се работи на осовременување, проширување и модернизација на граничниот премин Деве Баир. Првата фаза треба да биде завршена до јуни, со реконструкција на постојните објекти, по што ќе следува втората фаза – проширување на граничниот премин“, рече Николоски.
На свеченоста присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека во овој дел од земјата се инвестира, а продолжува и изградбата на пругата, што ќе придонесе за развој на Крива Паланка.

„Очекувам Крива Паланка да стане богат и пристоен град во кој луѓето ќе бидат среќни и задоволни. Да се вратат оние што ја напуштиле и заедно со своите семејства да го продолжат животот тука. Македонија е држава која претставува раскрсница на два многу важни европски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10, и во патничкото, железничкото, па и енергетското поврзување“, рече Мицкоски.