Мени

Реал Бетис во јуни доаѓа во Куманово, најавен тридневен камп за деца

23.05.2026 13:53 | KumanovoNews

Куманово во јуни ќе биде домаќин на фудбалски камп на Фудбалската академија на Реал Бетис, што ќе се одржи од 19 до 21 јуни во ММ Спорт Евент Центар.

Реал Бетис во јуни доаѓа во Куманово, најавен тридневен камп за деца

Станува збор за проект што во Македонија доаѓа под капата на Фондацијата Реал Бетис Баломпие (Fundación Real Betis Balompié), а во Куманово ќе им понуди на децата можност да тренираат според методологија што се применува во системот на шпанскиот клуб. Кампот е наменет за деца родени од 2012 до 2019 година.

Според најавите, тренинзите ќе ги водат тренери делегирани од Фондацијата Реал Бетис, заедно со локални тренери, а програмата нема да биде насочена само кон фудбалските елементи, туку и кон развој на работни навики, дисциплина, одговорност и разбирање на играта. Организатор на настанот е Граѓанска иницијатива за развој на социјален капитал и посочуваат дека идејата не е само децата да добијат ново спортско искуство, туку и да поминат низ процес во кој подеднакво се важни тимската работа, односот кон тренингот и градењето карактер. 

Во најавата на кампот се посочува дека шпанскиот пристап кон работата со младите фудбалери става акцент и на техничкиот развој, тактичката подготвеност и спортскиот менталитет. Намерата е децата да добијат поинакво искуство од вообичаените тренинзи, преку програма што ќе биде водена според стандарди на клуб со долга традиција и меѓународно искуство. Настанот претставува можност за децата од Куманово и од другите градови во државата да бидат дел од организиран фудбалски камп со меѓународен карактер, без да патуваат надвор од земјата. 

Кампот ќе се реализира на терен што ги исполнува потребните услови за работа и безбедност, а пријавувањето е веќе отворено. Дополнителни информации и регистрација се достапни на www.mmsport.mk