Родителите на кумановските основци бараат повлекување и темелна преработка на новите училишни програми
Претставници на советите на родители на сите основни училишта во Куманово, бараат повлекување и темелна преработка на новите наставни планови и програми во основните училишта согласно Концепцијата која е воведена во 2021, бидејќи сметаат дека не ги даваат очекуваните резултати.
Тие се на став дека Концепција била имплементирана избрзано, нетранспарентно и без реални услови во училиштата, додека наставните програми се пренатрупани, несоодветни за возраста и когнитивните можности на учениците, а наставниците преоптоварени, без доволно ресурси, лаборатории и дигитална опрема.
Поради ваквата состојба принудени се постојано да работат со децата дома за да го надокнадат испуштеното или да плаќаат приватни часови што создава нееднаквост и финансиски товар за семејствата. Истовремено посочуваат дека инфраструктурата во училиштата не одговора на планираните реформи.
„Бараме да се излезе на терен, да се види реалната состојба во училиштата, да се види дали има потреба од нови кабинети. Да се скрати програмата и да се прилагоди на возраста на децата, тоа е привичното барање, за да понатаму може сите други да се реализираат“, вели Сања Велковски од Координативното тело.
Меѓу забелешките кои што ги нотираат родителите е и тоа што повеќе од 200 училишта во државата работат во 2 или 3 смени и немаат реален простор за планираната настава согласно новите реформи. Учениците имаат 900 часа помалку настава од просекот на ОЕЦД. Учебниците се полни со грешки, недостапни или доцна доставени, а немало ни вистинска пилот-фаза, па реформите биле воведени без анализа и без поддршка за наставниците.
„Лошите резултати на ПИСА и ТИМСС упатуваат на системски проблем. Премногу предмети, премалку време, премногу тестови што доведува до стрес, анксиозност и пад на мотивацијата кај учениците. Изборните предмети не се од интерес на ученикот, туку се определуваат според можностите на училиштето. Училиштата немаат услови за 5-часовен престој за учениците од пониските одделенија: нема мензи, материјали, простор и игралишта. Нема транспарентна вклученост на стручната јавност, на наставниците и родителите, и се нарушува правото на квалитетно, бесплатно и еднакво образование за сите“, велат од Координативното тело.
Родителите посочуваат дека сето тоа оди на штета на учениците и се одразува на квалитетот на знаење кое е неопходно за понатамошното школување. Исто така имаат забелешка дека кај нас се воведуваат наставни програми по пример на некои европски земји без притоа да бидат обезбедени минимум потребни услови.
„Јас работам на факултет и кога ќе дојдат децата од Кембриџ програмата немаат основно знаење. Очекувавме дека со Новата концепција плановите и програмите ќе се сменат на подобро, но материјалот е уште пообемен. Не знаат да се изразуваат, да пишуваат, не знаат да сметаат. Некогаш мораме да се спуштиме на ниво на основно образование за да им објасниме некои појмови. Од друга страна во програмите по хемија има работи кои јас сум ги учела на факултет. Или во делот за човечкото тело учат цела анатомија како да се медицински факултет. Со моделот на ‘етапно учење’ материјалот е преобемен и расплинат и не е прилагоден на возраста на децата и затоа треба да се смени. Исто така многу брзо се преминува од една на друга тема, што не остава простор добро да го совладаат наученото и да стекнат трајно знаење. Децата препознаваат термини, но немаат длабинско разбирање. Наместо 50 површно обработени теми годишно, програмите треба да се скратат на 15 клучни теми кои ќе се изучуваат темелно и квалитетно, бидејќи помал обем на содржини овозможува подлабоко разбирање и потрајно знаење “, велат револтираните родители.
Овие забелешки ги испратиле до Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието, и бараат да се изврши промена на наставните планови и програми, односно на новата концепцијата преку анализа, дијалог и стручна расправа, со вклучување на родителите преку општински и државен совет на родители, како и да постојат опции за алтернативни форми на образование – како хомскулинг.
Од Министерството не добиле конкретен одговор дали нешто ќе се преземе, но тие најавуваат дека нема да се откажат. Затоа ги повикуваат родителите, наставниците и граѓаните од сите градови во земјава да им дадат поддршка и да се обединат во остварување на нивните барања, во интерес на образованието на нивните деца.