Мени

Родителите не дозволиле да се утврди од што се затруле децата најдени во бесознание

16.06.2026 14:20 | Сузана Николиќ

Родителите на трите деца кои биле пронајдени во бесознание во Куманово не дозволиле да им се направи анализи за да се утврди причината за труењето.

Родителите не дозволиле да се утврди од што се затруле децата најдени во бесознание

Од Општата болница Куманово велат дека децата вчера кај нив биле донесени со возило на Итната помош во стабилна состојба, но запуштени, свесни, со хиперемија на конјунктивите, дискретно проширени зеници и испади на бес и хистерично смеење. По извршените прегледи родителите не дозволиле да се направат дополнителни анализи за да се утврди што ја предизвикало нивната состојба.

„Децата беа прегледани од педијатар и интернист, согласно нивната возраст. Родителите, во присуство на социјален работник и инспектори од МВР, одбија понатамошна опсервација, како и лабораториски иследувања. Ги зедоа децата на сопствено барање и покрај инсистирањето да останат на дополнителни испитувања. Упатени се на Клиниката за детски болести – Оддел за токсикологија, за токсиколошки анализи, како и на Детска психијатрија“, велат од Кумановската болницата.

Од полициските службеници им било кажано дека децата често се сами на улица и се сомневаат за злоупотреба на наркотици со вдишување лепак.

Оттаму додаваат дека случајот го пријавиле во Центарот за социјални работи во Куманово за понатамошно постапување.

Директорот  Ерди Мехмети вели дека кај нив веќе е отворен предмет и институцијата постапува согласно законските надлежности.

„Децата веќе се евидентирани во нашиот систем поради питачење, но сега е отворен нов предмет и денеска родителите се повикани на разговор. Ќе ги преземеме сите мерки за да утврдиме за што станува збор. Според информациите што ги добивме, родителите не дозволиле да се извршат испитувања за да се утврди од што се затруле децата. Доколку се утврди нивна одговорност ќе биде поднесена кривична пријава против нив или предлог за одземање на старателството“, изјави Мехмети.

 Во центарот на Куманово, особено околу градскиот плоштад, речиси секојдневно граѓаните гледаат малолетници кои вдишуваат лепак, и покрај бројните предупредувања за сериозните последици врз нивното здравје, оваа појава не се санкционира.

Вчера околу 10:40 часот на улицата „Професор Мијалковиќ“ се пронајдени три деца кои не реагирале на допир, по што било пријавено во полиција.

„Станува збор за 15-годишно девојче и нејзините браќа на возраст од 12 и 9 години, кои најверојатно биле затруени од вдишување лепак. Тие биле пренесени во Општата болница Куманово за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, соопштија од СВР Куманово.