Се поставуваат нови семафори на „Трета МУБ“
Од вчера започна монтирањето на нови семафори на три раскрсници на булеварот „Трета македонска ударна бригада“ во Куманово.
На крајот на февруари, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кажа дека веќе е избрана фирма и наскоро ќе започне поставувањето на новите семафори на раскрсниците кај Зелениот пазар, кај Школската амбуланта и кај „Рим Париз“.
„Завршена е постапката, избран е изведувач и очекувам веќе од следната недела да започне реконструкцијата и замената на постојните семафори и контролни уреди на овие локации. Што се однесува до раскрсницата кај малото пазарче, на влезот во населбата Перо Чичо, дополнително ќе се изврши отстранување на техничките проблеми“, изјави тогаш Димитриевски.
Тој појасни дека семафорите некогаш се исклучуваат по барање на сообраќајната полиција и дека не секогаш станува збор за дефект.
Граѓаните постојано се жалеа дека семафорите на најфреквентните раскрсници во градот – на булеварот „Трета МУБ“, на крстосниците со улиците „Народна револуција“ и „Перо Чичо“, како и кај Зелениот пазар, често не работата и поради тоа се чувствуваат небезбедни.