Мени

Семинар за традиционална музика и игра ќе се одржи денеска и утре во Куманово

27.04.2026 10:44 | KumanovoNews

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, денеска и утре ќе се одржи семинарот „Од традиција до сцена“, посветен на зачувувањето и современата интерпретација на културното наследство.

Семинар за традиционална музика и игра ќе се одржи денеска и утре во Куманово

Настанот е наменет за едукација и афирмација на традиционалната музика, игра и сценски израз, ќе се одржи во малата сала со почеток во 18 часот.

Семинарот има цел да ги поврзе традиционалните форми на изразување со современите сценски практики, овозможувајќи им на учесниците да стекнат теоретски знаења и практични вештини за правилна интерпретација и сценска презентација на традицијата и културното наследство.

Програмата опфаќа предавања и работилници од областа на традиционалното пеење, сценските адаптации, кореографијата, сценското движење, како и анализа на автентични изворни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на зачувувањето на традиционалната форма, но и на нејзината адаптација за современа сцена.

Ќе се отвори и дискусија за тоа како традицијата инспирира нови сценски форми, што се пренесува на сцена, за современите кореографии базирани на традиционални мотиви, како и за модерните музички обработки со успешен спој на „старото“ и „новото“.

Ќе биде разгледан и историскиот аспект на играта, нејзините почетоци, развојот до формирањето на културно-уметничките друштва, како и денешниот начин на нејзино третирање. Во практичниот дел од семинарот ќе бидат претставени различни методи на интерпретација на традиционалната култура.

Предавачи на семинарот ќе бидат Теодора Стојановска и Мартина Максимовска од НУ „Танец“, како и Бојан Петковски, активист за заштита на културното наследство, додека модератор е Дени Синадиновски.

Семинарот е поддржана од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес за 2026 година.