Со Б категорија може да се управува мотоцикл до 125 cm³ по задолжителна четиричасовна обука
Министерството за внатрешни работи донесе нов правилник со кој се воведува задолжителна четиричасовна теоретска обука за управување со мотоцикли од категоријата „А1“ со автоматски менувач, со работна зафатнина до 125 cm³ и моќност до 11 kW.
Обуката е наменета за лица кои имаат најмалку 23 години и поседуваат важечка возачка дозвола од категорија „Б“ најмалку пет години. За лицата помлади од 23 години, како и за оние кои немаат најмалку пет години возачко искуство со „Б“ категорија, и натаму останува обврската за полагање возачки испит за соодветна категорија мотоцикл.
Теоретската обука трае четири часа и опфаќа теми поврзани со безбедноста во сообраќајот, меѓу кои употреба на заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и препознавање и справување со ризици на патот.
„По завршувањето на обуката, автошколата издава официјална потврда (образец во формат А5) и го известува МВР, каде што ќе се води евиденција за сите издадени потврди врз основа на податоците доставени директно од автошколите. Изречно напоменуваме дека не смее да се управува мотоцикл до 125 cm³ доколку не е завршена теоретската обука и не е обезбедена потврда од автошкола“, соопшти МВР.