Со грант од 149 милиони евра од ЕУ ќе се гради третата фаза од пругата кон Бугарија
Со грант од Европската Унија од 149 милиони евра ќе се гради третата фаза од пругата од Крива Паланка кон Бугарија.
Директорот на Македонски железници Синиша Ивановски кажа дека ова е најсложениот техничко-технолошки и инфраструктурен проект во државата, не само во моментов, туку и во изминативе децении.
„Пругата ќе биде едноколосечна железничка линија којашто ќе биде за мешан сообраќај: и за патнички, но и за товарен транспорт. Интересно е што на само 22 километри ќе има вкупно 21 тунел со должина од 7,8 километри. Дополнително, уште 52 мостови и вијадукти коишто имаат должина вкупна околу 5 километри. Тоа значи дека во вкупни 22 километри, скоро 13 километри или преку 60 проценти од оваа траса ќе бидат во мостови и во тунели. Станува збор за тешка теренска пристапност и има потреба од дополнителни геодетски, хидролошки, геолошки и геотехнички истражувања“, рече Ивановски.
Оваа делница ќе биде целосно електрифицирана.
За реализација на овој проект покрај грантот од ЕУ обезбедени се и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Договорите за финансисрање на изградбата на пругата во должина од 22 километри беа потпишани денеска во Владата.
Првата фаза од Куманово до Бељаковце е изградена со заем од Европската банка за обнова и развој и веќе е пуштена во сообраќај во јануари 2025 година. Изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка, е во тек и се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој и инвестициски грант обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија.