Мени

Со првиот ребаланс на буџетот обезбедени пари за скверови, улици и гаражи за противпожарни возила во три села

01.06.2026 10:39 | Сузана Николиќ

Советниците на Општина Куманово го изгласаа првиот ребаланс, со кој општинскиот буџет се зголемува за 32.684.325 денари или за околу 531.450 евра.

Со првиот ребаланс на буџетот обезбедени пари за скверови, улици и гаражи за противпожарни возила во три села

Со ребалансот се предвидени дополнителни средства за инфраструктурни проекти, животна средина, образование и уредување на јавни површини.

Најголем дел од средствата ќе бидат насочени кон Програмата за уредување на градежно земјиште, субвенционирање на наставни и воннаставни активности, како и за проекти од областа на животната средина.

Поради тешките услови на терен, за реконструкција на фекалната канализација на улицата „Моша Пијаде“ се врши пренамена на средства во износ од 13 милиони денари. 

Со овие средства предвидена е и изградба и уредување на три сквера, за што се планирани вкупно 9,5 милиони денари, а ќе се довршат веќе започнати инфраструктурни проекти. 

За улицата „Киро Фетак“ ќе бидат издвоени уште 730.000 денари, за „Веселин Вујовски“ 190.000 денари, за реконструкција на кровот на општинската зграда 780.000 денари, како и 530.000 денари за изградба на водоводна мрежа на улицата „Братство Единство“.

Како нови проекти, Општината планира изградба на паркинг зад „Стокомак“ во вредност од 2 милиони денари, како и асфалтирање на улицата 100, која ги поврзува „Моша Пијаде“ и „Октомвриска револуција“, за што се предвидени 2,5 милиони денари. Дополнително, обезбедени се 700.000 денари за изградба на потпорен ѕид на улицата 425 во населбата Иго Тричковиќ.

Со ребалансот се зголемуваат и средствата за изградба на гаражи за противпожарни возила во селата Орашац, Клечовце и Табановце. Првично планираните 6 милиони денари се зголемуваат за дополнителни 5,1 милиони денари, со што вкупната вредност на проектот ќе изнесува 11,1 милиони денари.

Во делот на сообраќајната инфраструктура, за ревизија на сообраќајни проекти се обезбедуваат дополнителни 41.960 денари, а како нова ставка е додадена ревизија на склонопадни објекти во висина од 300.000 денари.

Во програмата е вметната и донацијата од инвеститорите за изградба на фекална канализација за зградите кај „Макпетрол“.

Дополнителни 1,5 милиони денари се предвидени и во програмата за животна средина за заловување на бездомни кучиња, откако претходно одобрените 1,5 милиони денари веќе биле потрошени.

Иако се очекуваше, со ребаласот не беа одвоени средства за поддршка на јавните претпријатија, кои поради натрупаните долгови и недоволниот број на возила тешко ја извршуваат работата.