„Сонцата на Кокино“ освоија две први места на натпреварот „FIRST LEGO LEAGUE“
„Сонцата на Кокино“ од едукативниот центар СТЕМ Роботика Куманово освоија две први места на националниот натпревар „FIRST LEGO LEAGUE“ (Прва Лего лига), кој викендов се одржа во Скопје.
Во силна конкуренција од околу 30 тима од државата, кумановските натпреварувачи покажаа извонредни резултати и се закитија со две големи признанија.
Младите иноватори триумфираа во категориите за најдобро решение на проблем и најубав штанд, со што го потврдија квалитетот на својата идеја, но и начинот на нејзината презентација пред жири-комисијата и публиката.
„Овој успех е резултат на посветеноста, љубопитноста и тимската работа на учениците. За краток временски период тие покажаа дека можат да размислуваат како вистински инженери и да понудат креативни решенија за реални предизвици“, изјави менторот Александар Димовски.
Тимот го сочинуваат: Алек Краљевски, Ина Пандиловска, Јован Димковски, Кирил Груевски, Петар Деспотовски и Маша Стојановска, кои во изминатиот период интензивно работеа на развој на проект инспириран од археолошкиот локалитет Кокино. Нивното решение комбинира роботика и археологија – ровер за детекција на подземни структури и механизам за безбедно извлекување артефакти, со цел зачувување и подобро разбирање на културното наследство.

„Сонцата на Кокино“ не само што го афирмираат Куманово како средина што негува млади таленти, туку испраќаат и силна порака за важноста од рано вложување во знаење, иновации и креативност. Воедно, преку својот проект тие ја потенцираат и вредноста на Кокино како едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во земјава. Кокино, како наша гордост и една од најстарите мегалитски опсерватории во светот, заслужува поголемо внимание и соодветна промоција. Ние се надеваме дека нашето решение ќе придонесе за зголемен интерес кај јавноста и ќе поттикне повеќе посетители да го откријат ова уникатно место и да ја почувствуваат неговата историска и културна вредност“, додава Димовски.
„FIRST LEGO LEAGUE“ е глобална програма што ги поттикнува децата да истражуваат, анализираат и решаваат проблеми преку наука, технологија, инженерство и математика (STEM), а овогодишната тема „Unearthed“ беше фокусирана на истражување на минатото со помош на современи технологии.