Мени

Стравот наплаќа камата за катастрофи што никогаш нема да се случат

24.10.2026 11:45 | KumanovoNews

Ана има 38 години, сигурна работа и уредно платени сметки. Сепак, секоја вечер во 23 часот ја отвора апликацијата на банката и го гледа салдото.

Стравот наплаќа камата за катастрофи што никогаш нема да се случат

Не затоа што нешто не е во ред, туку поради „ако утре ми дадат отказ, ако нешто ми се случи“. Вистината е дека за тоа нема причина. Кризата е само во нејзината замисла, а телото реагира на тоа како да е вистинска. Симптоми на стегање во градите, неспиење и раздразливост. Ана ја плаќа цената за катастрофата што никогаш не се случила.

Ана е измислено име, но стравот што го опишав е вистински и веројатно сите имаме некоја своја верзија на Ана во себе.

Аларм што не знае да молчи

Мозокот е изграден така што неговата функција е да го одржува човекот во живот, но не и да го прави среќен. Во него има мал систем за аларм, амигдалата, кој реагира побрзо отколку што стигнуваме да размислиме. Пред илјадници години тоа го спасувало животот. Денес истиот аларм се вклучува секогаш кога ќе видиме нова фактура, сметка, кога ќе останеме сами во сабота навечер или кога ќе треба да направиме нешто ново.

Каде е разликата помеѓу реалниот и нереалниот страв?

Реалниот страв живее во сегашноста. Тој е конкретен и ни кажува што треба да сториме. Дали да внимаваме на возилото што доаѓа; дали да одиме на лекар; дали да платиме долг. Откако ќе реагираме, стравот попушта.

Нереалниот страв живее во иднината. Тој е магловит и вртоглав преку познатата реченица „што ако...“. Не нуди решение, само не врти во круг и расте колку повеќе го храниме со мисли. Ако стравот не ти дава ниту едно решение туку само те парализира, веројатно ти раскажува страшна приказна, а не факт.

Три лица на нереалниот страв

Финансискиот страв. Како кај Ана, плата има, сметките се платени, а мислите веќе го пресметуваат најлошото. Мозокот не прави разлика меѓу замислена и вистинска закана, па телото живее во постојан стрес. Тоа е страв кој често доаѓа од детство, од домот каде што парите биле тема на семејни караници или недостаток.

Стравот од осаменоста. Тој го присилува човекот да остане во врски што го повредуваат или да се однесува како да му годи некое друштво кое е многу далеку од тоа. Стравот од самотија не значи дека сме слаби, туку дека сме луѓе, а човекот е социјално суштество. Но кога стравот ќе почне да донесува одлуки наместо нас, плаќаме со сопствениот мир.

Стравот од превземање на првиот чекор. Најпрефинет е овој страв. Сѐ уште ништо не сме започнале, а веќе сме го одиграле најцрното сценарио каде главната улога е нема да успеам, ќе ми се смеат, ќе пропаднам. Предвидуваме катастрофа за нешто што не се случило. Во психологијата тоа се нарекува катастрофизирање, и тоа е причината зошто толку многу соништа некаде во Универзумот остануваат во фиока.

Од каде доаѓа стравот?

Секој страв доаѓа од три извори. Првиот е еволуцијата, мозокот многу посилно се сеќава на лошите настани отколку на добрите. Вториот е искуството, една болна ситуација од минатото се пресликува на сѐ што е слично. Третиот е средината, тоа се пораките што сме ги слушале додека сме се развивале како личност и сме растеле и вестите што ги читаме денес. Нашето опкружување многу почесто ни вика „внимавај“ отколку „обиди се“.

Како да се справиме?

1. Именувај го стравот. „Се плашам дека ќе останам без пари“ е помалку застрашувачко сценарио од нејасната тревога во градите.

2. Побарај доказ. Дали е ова факт или претпоставка? Колку пати вакви предвидувања навистина се оствариле?

3. Замисли дека го кажуваш на пријател. Што би му рекол? Често сме многу построги кон себе отколку кон другите.

4. Направи најмал можен чекор. Не мораш да ја решиш целата работа. Еден телефонски повик, една страница, една пресметка. Дејствието е најдобриот лек за стравот.

5. Прифати ја неизвесноста. Никој нема гаранција за иднината. Иднината си го наоѓа својот пат. Целта не е да немаме страв, туку зад воланот да управуваме ние а не стравот.

Порака

Стравот не е непријател. Тој е аларм со добра намера, кој понекогаш се вклучува без причина. Нашата задача не е да го исклучиме, туку да му речеме: „Те слушам, фала ти што ме чуваш, но сега јас одлучувам.“ Бидејќи на другата страна од стравот најчесто
стои токму животот што го посакуваме.

М-р. Јелена Цветковска