Струмичанецот кој загина во Хрватска возел за кумановска фирма
Во несреќата што вчера попладне се случи во Долни Андријевци, Хрватска, настрадал струмичанец, кој возел за кумановска транспортна фирма, потврди за „360 степени“, Билјана Муратовска од асоцијацијата „МАКАМ-Транс“.
Возилото е идентификувано по регистарските таблички. Сè уште не е јасно што е причината за несреќата, со оглед на тоа што не се работи за судир, туку најверојатно за губење контрола над возилото.
Она што е познато е дека несреќата се случила вчера во 14:15 часот, кога камионот се излизгал од патот и се запалил. Прво удрил во средишната метална заштитна ограда, потоа во столб за улично осветлување и преминал на спротивната лента. Откако се зализгал, повторно се забил во централната заштитна ограда и во друга канделабра.
По несреќата избувнал пожар, а камионот изгорел целосно заедно со возачот.