Мени

Тошковски и Дачиќ од Табановце ја почнаа кампањата „Вози одморен“

01.07.2026 17:02 | KumanovoNews

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска на граничниот премин Табановце ја започнаа заедничката превентивна кампања „Вози одморен“, чија цел е да ја подигне свеста кај возачите за опасностите од возење под замор во екот на летната туристичка сезона.

Тошковски и Дачиќ од Табановце ја почнаа кампањата „Вози одморен“

Тошковски истакна дека кампањата е уште една потврда за успешната соработка меѓу двете соседни држави и испрати апел до возачите пред долгите летни патувања.

„Возачите треба да тргнуваат на пат одморени, да прават пауза на секои два до три часа во траење од најмалку 15 минути, да внесуваат доволно течности и да ги почитуваат сообраќајните правила, особено ограничувањата на брзината. Најголем број сообраќајни несреќи се случуваат поради замор или пребрзо возење. Ако со оваа кампања спасиме барем еден човечки живот, таа ќе ја исполни својата цел“, рече Тошковски.

Српскиот министер Ивица Дачиќ оцени дека акцијата е пример за успешна регионална соработка и нагласи дека заедничка цел на двете држави е да се намали бројот на сообраќајни несреќи.

„Наш приоритет е да биде спасен секој човечки живот, особено животот на најмладите. Затоа апелираме до сите возачи да патуваат одморени и одговорно, особено кога одат на подолги летни патувања“, изјави Дачиќ.

Во рамки на кампањата, на возачите кои минуваа низ граничниот премин Табановце им беа поделени шишиња вода, едукативни летоци и промотивен материјал со совети за безбедно возење и спречување на сообраќајни незгоди предизвикани од замор.

Кампањата „Вози одморен“ е дел од заедничките активности на македонското и српското Министерство за внатрешни работи и институциите задолжени за безбедноста во сообраќајот, насочени кон намалување на бројот на сообраќајни незгоди во текот на летната сезона.

На промоцијата присуствуваа и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот Горан Ангеловски, како и вршителот на должност директор на Агенцијата за безбедност во сообраќајот на Србија, Бранко Стаматовиќ.