Уметноста е универзална и не познава граници, ова е почеток на нашата успешна соработка со Куманово, вели Зоран Тодоровиќ, уметнички директор на Народен театар Источно Сараево
Соработката преку културата треба да се пренесе на сите полиња. Ако тука се споиме, тогаш ја имаме вистинската приказна. Уметноста е универзална и не познава граници и затоа не треба да се дозволи да се злоупотребува“, вели уметничкиот директор на Народен театар Источно Сараево, Зоран Тодоровиќ, кој со својот ансамбл гостуваше на Денови на комедија во Куманово
На Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово, оваа година за првпат пред кумановската публика се претстави и Народниот театар од Источно Сараево со претставата „39 скалила“, во режија на Ана Глигоровиќ, според романот на Џон Бакен, која ги спојува шпионскиот трилер и комедијата. Претставата ја носи приказната за Ричард Ханеј, обичен човек кој несакајќи се најде во центар на шпиунска афера, и се обиде да ја докаже својата невиност и да ја спаси земјата од заговор.
Во претставата играат Милан Димиќ, Аида Буква, Душан Арнаут и Марко Мирковиќ. Драматизацијата е на Зоран Тодоровиќ, уметнички директор во Народниот театар, кој вели дека е презадоволен од настапот на ансамблот, а особено од реакцијата на публиката, бидејќи малку се плашел поради јазичната бариера.
„Луѓето реагираа на вистинските места, бидејќи знам каде се тие. Уште првата третина од претставата ми покажа дека сме на вистинскиот пат. Крајната реакција, бидејќи салата имаше 600 гледачи, кога станаа на нозе и нè почестија со аплауз и три биса, за еден мал ансамбл и млад театар кој постои две и пол години, без звучни имиња и медиумска помпа, беше прекрасна“, рече Тодоровиќ.

Тој додава дека претставата има специфичен англиски хумор, кој не се пренесува лесно на сцената, но актерите успеале да допрат до публиката.
„Со нашата режисерка Ана Глигоровиќ и екипата успеавме да го задржиме тој оригинален дух, но и да го направиме препознатлив кај домашната публика, што е голем успех. Не е лесно да се пренесат британскиот сарказам и иронија, но ова е некоја форма на блага верзија на Монти Пајтон“, додава Тодоровиќ.
Претставата е нова, досега имала шест изведби, а ансамблот гостувал и во повеќе градови во регионот.
Учеството на фестивалот во Куманово беше искористено Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и Народниот театар да потпишат меморандум за соработка, со кој ќе отпочнат ново поглавје во развојот на културната и уметничката соработка меѓу двете институции.
„Меморандумот претставува основа за воспоставување и продлабочување на партнерските односи, со посебен акцент на размена на театарски претстави, уметници и професионални искуства, реализација на заеднички културни проекти, фестивалски гостувања, како и размена на знаења и добри практики од областа на сценските уметности. Преку оваа соработка се создаваат можности за поголема мобилност на уметниците, нови културни иницијативи и поврзување на институциите и публиката од Куманово и Источно Сараево“, вели директорката, Јоана Серафимовска.
И уметничкиот директор Тодоровиќ смета дека ова е почеток на силна врска која преку уметноста ќе се пренесе и во сите останати сфери на општественото живеење. Признава дека за првпат се во Куманово, но се надева дека нема да биде и последен, бидејќи тука се чувствува преубаво.

„Ова е почеток на соработката, која за нас е многу важна од повеќе причини. Една од нив е што ова е фестивал кој постои 29 години. Ние го имаме Фестивалот на монодрама, кој трае 31 година, па во иднина може да направиме соработка и на тоа поле. Ние сме збратимени градови и веќе ги направивме првите чекори. За оваа гостување се договоривме многу брзо, ни беше укажана доверба и ние не ја изневеривме. Важно е да продолжиме и кај нас. Соработката преку културата треба да се пренесе на сите полиња. Ако тука се споиме, тогаш ја имаме вистинската приказна. Уметноста е универзална и не познава граници и затоа не треба да се дозволи да се злоупотребува“, вели Тодоровиќ.
Тој вели дека престојот во Куманово е ново искуство, кое само потврдува дека на овие простори живеат несебични луѓе, кои ги спојува културата и уметноста, но и многу други нераскинливи врски кои потекнуваат од времето на бившата заедничка држава.
