Барале злато, раскопале гроб и оштетиле споменик од културно наследство во „Карпино“ (видео)
Непознати лица искршиле надгробна плоча и оштетиле споменик во дворот на манастирот „Карпино“.
Оштетувањата ги забележале членови на црковниот одбор, кои вчера биле во манастирот и случајот го пријавиле во полиција.
„Скршена е една од надгробните плочи, а оштетен е и самиот споменик на еден од владиците што се наоѓа веднаш до црквата. Претпоставуваме дека барале злато и го отвориле гробот, при што ги предизвикале оштетувањата. И околу гробот е копано. Ова не е само материјална штета — ова е напад врз нашето културно и духовно наследство“, велат од Црковниот одбор на „Карпино“.

Случајот е пријавен и се очекува надлежните институции да постапат и да ја утврдат одговорноста.
„На 20. април, во 18:10 часот во СВР Куманово е пријавено дека во двор на црква во манастирот Карпино, општина Старо Нагоричане, било извршено раскопување на гроб со назнака како културно наследство, при што била искршена и извадена плочата од местото“, соопшти Кумановската полиција.
Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Доколку имате некаква информација, ве молиме за соработка. Апелираме до сите посетители да го чуваме тоа што ни е оставено како аманет. Културното наследство е наша заедничка одговорност“, додаваат од Црковниот одбор.
Ова не е прво оштетување во црквата. Пред неколку години било копано и во дворот.