Мени

Марија починала од насилна смрт, покажало вештачењето, ќе се ексхумира телото на уште една жена

02.03.2026 14:24 | Сузана Николиќ

Јавното обвинителство во Куманово ја прошири истрагата против серискиот убиец Трајко Бојковски (25) од кумановското село Малотино, под сомневање за уште едно свирепо убиство.  

Марија починала од насилна смрт, покажало вештачењето, ќе се ексхумира телото на уште една жена

Вештачењето од ексхумацијата на Марија Маринковска (35) од Куманово, покажало дека таа починала од насилна смрт.

„Меѓу 16 и 17 јануари, тој влегол во домот на жртвата и со удари по главата ја усмртил 35-годишната жена. Форензичките траги потврдија дека убиството е извршено од истото лице“, изјави денеска обвинителот Љубомир Лапе.

Дадена е наредба за ексхумација на друго тело на постара жена, која наликува на профилот на првата жртва.

Бојковски е осомничен дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на точно неутврден датум, во селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, со умисла и на свиреп и подмолен начин ја убил 78-годишната Мира С.

Издадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот, како и за проверка на евентуална вмешаност на други лица, иако засега Бојковски е единствениот осомничен. 

Паралелно со ова, се испитува и евентуалната одговорност на полициските службеници.

Од Обвинителството во Куманово, велат дека истрагата започнала по пријавата на преживеаната жртва, по што се трага по претходни случаи.

Станува збор за 83-годишната Слободанка Арсовска од Куманово која благодарение на својата храброст и присебност, пред 6 месеци успеала да се спаси од убиецот.

Мотивот на сторителот сè уште не е утврден. Се чека наоди од повеќе стручни лица кои треба да извршат вештачење и да достават извештај за неговата психичка состојба. Сторителот во моментов е изолиран во ќелија во кумановскиот затвор „К’шање“.

Се испитуваат и околностите како лекарите не воочиле насилна смрт кај жртвите на осомничениот.

Адвокатот на семејствата Маринковски и на 78-годишната Мира С., Александар Симоновски од Куманово, вели дека во однос на пропустите, за помладата жртва е констатирано е дека починала од природна смрт, но сега со вештачењето се покажува дека имала повреди.

„За двата случаи кои ги водам, како и за уште еден за обид за убиство, има докази дека тој е сторител. Имам информации што не можам да ги споделам со јавноста, но се истражува дали обвинетиот делувал сам или имал помагач, односно соизвршител. Одземени се и одредени предмети. Во однос на пропустите, за помладата жртва првично било констатирано дека починала од природна смрт, но сега со вештачењето се покажува дека има повреди“, додава Симоновски.