Владата ќе формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите
Владата донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, што ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници, да ја унапредува соработката меѓу институциите и медиумската заедница и да изработи национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите до 15 декември годинава.
Портпаролката Марија Митева, кажа дека станува збор за институционален механизам чија цел е унапредување на безбедноста на новинарите, превенција од закани и напади и создавање услови за слободно и непречено вршење на новинарската професија.
Акцискиот план ќе се темели на превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и промоција и едукација.
„Во делот на превенцијата, акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите. Во делот на заштитата, предвидено е развивање механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка, вклучително и заштита од закани во дигиталниот простор. Посебно значење ќе има ефикасното постапување во случаите на напади и закани кон новинарите, преку соработка со надлежните органи за спроведување навремени истраги и соодветно санкционирање согласно законските надлежности. Четвртиот сегмент ќе биде насочен кон едукација, обуки и активности се со цел за подигање на јавната свест за значењето на новинарската професија“, истакна Митева.
Таа додаде дека довербата меѓу институциите и медиумите се гради преку достапност на информации, одговори на легитимните прашања и доследно почитување на правото на јавноста да биде информирана.
„Како Влада сакаме посебно да се стави фокусот на новинарите кои секојдневно работат на терен, кои истражуваат теми од јавен интерес, кои известуваат во сложени околности затоа што нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат. Институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и без никакви разлики“, додаде Митева.
Таа порача дека определбата на Владата е институциите да бидат отворени кон јавноста, да се почитува слободата на изразување и секој новинар да има можност својата работа да ја извршува професионално и безбедно.
Во Комитетот ќе учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Комитетот ќе ја поддржи и кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа, за унапредување на слободата на медиумите како и безбедноста на медиумските работници.