Заврши сликарскиот конак „Грација – ИАН 2026“, создадени дваесет нови уметнички дела
Петтото издание на Меѓународниот сликарски конак „Грација – ИАН 2026“ заврши денеска во Куманово, оставајќи зад себе дваесет нови уметнички дела и бројни пријателства меѓу уметниците од повеќе земји.
На колонијата учествуваа сликари од Македонија, Србија, Хрватска, Украина и Азербејџан/Франција, кои твореа инспирирани од природата, културното наследство и атмосферата во Куманово.
Уметничкиот раководител и координатор на колонијата, сликарот Мики Трендафиловски, вели дека се задоволни од тоа како поминала колонијата и дека сите уметници биле инспирирани и создале извонредни уметнички дела.

„Денеска е последен ден од колонијата, уметниците ги привршуваат делата. Задоволен сум и од продукцијата, се исполни она што го очекував бидејќи ги познавам учесниците кои ги поканив. Го дадоа очекуваното, создадени се дваесет дела кои ќе останат во депото на оваа колонија. Уметниците сликаат според сопствената инспирација и под влијание на околината, следејќи го сопствениот творечки ракопис. И оваа година успеавме во намерата и целта учесниците да бидат задоволни од престојот во Куманово“, вели Трендафиловски.
Годинава на колонијата учествуваа уметниците: Асмар Нариманбекова од Азербејџан/Франција, Среќко Здравковиќ од Србија, Ксенија Норек од Хрватска, Љубов Поворозник и Мариа Подгорњак од Украина, како и Стојанче Андонов - Дито и Стефан Јакимовски од Македонија.

Во текот на шестдневниот престој во Куманово, уметниците ги посетиле црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, галеријата на икони и црквата „Свети Никола“. Еден ден сликале во природа покрај реката Пчиња, а поради лошото време не успеале да ги посетат Кратово и Матка.
Младата Украинка Ксенија Норек (37), која веќе четири години живее и работи во Водице, кај Шибеник во Хрватска, првпат доаѓа на колонијата и вели дека ќе понесе незаборавно искуство. За неа инспирација биле природата и цвеќето во дворот на комплексот „Грација“.

„Ова за мене е добро искуство, поразлично од останатите. Првпат сум во Македонија, ми беше драго да дојдам и да ги запознам овие краеви. Направив три дела и повеќе скици, на кои ќе работам и дома. Предноста на колониите е што се запознаваат нови луѓе со големо искуство, а јас сум млада и сакам да го видам нивниот начин на работа. Многу ми е драго што бев со луѓе кои исто така живеат од уметноста, затоа што сликарите најчесто работат затворени во своите ателјеа. Овие колонии се прозорец кон светот на уметниците“, вели Ксенија.
Македонскиот академски сликар Стојанче Андонов – Дито од Кратово изработи две слики кои ги нарече „Две грации“, според името на комплексот каде што се одржа колонијата.

„Подолго време работам на женски портрети, а темата на колонијата се вклопи со името. На овој циклус работам веќе две години и имам изработено повеќе од 20 слики во поголем формат. Инаку, повеќе од 15 години работам на фрескоживопис и во моментот работам во црквата во Тромеѓа. Атмосферата и составот на уметниците беа одлични. Разменивме искуства и се договоривме за идни соработки“, вели Андонов.
Уметникот Среќко Здравковиќ од Параќин, Србија, првпат учествува на конакот „Грација – ИАН 2026“, но вели дека со посебни емоции престојува во Куманово, затоа што како дете живеел во населбата Бедиње, додека неговиот татко работел на изградбата на браната Липково.
„Тоа беше во 1962 и 1963 година. Имав четири или пет години. Живеевме во куќа спроти фабриката за преработка на кожа, т.н. Кожара. Таму имаше еден поток и куќите беа во една слепа улица. Куќата беше старинска, со дрвени скали и голем чардак на катот. Беше многу убаво. Во соседството имаше официри кои ме водеа во Кумановска Бања да се капам. Тоа се незаборавни спомени“, вели Здравковиќ, кој денес е пензионер и поранешен професор во гимназијата во Параќин.

Тој додава дека учествувал на околу 300 колонии и дека секоја има свои особености, но доаѓањето во Куманово за него има посебно значење.
„Целосно ми се исполнија очекувањата, организацијата беше одлична. Сум учествувал на многу колонии и поради возраста често одбивам покани, но овде дојдов со големо задоволство затоа што многу ги сакам Македонија и Куманово. Работам поразлично од моите колеги – сликам ситно, детално и со мали четки, а тоа бара многу време и прецизност. Изработив две слики“, вели Здравковиќ.
Организаторите на сите уметници им врачија благодарници за учество на колонијата и истакнаа дека уште еднаш се потврдило дека уметноста нема граници, а колонијата поминала во извонредна пријателска и творечка атмосфера.
