Жителите на Долно Којнаре се против одлуката за отворање авто-пазар во нивната населба
Жителите на кумановската населба Долно Којнаре не ја поддржуваат одлуката на ЈП „Пазариште“ за отворање авто-пазар во нивната населба, која беше донесена на вчерашната седница на Советот.
Тие велат дека веќе со години наназад, секоја недела кога се одржува пазарот за стари работи, т.н. бувљак, се соочуваат со сериозни проблеми, како што се сообраќаен метеж, зголемена бучава, смет, небезбедност за пешаците и децата, како и нарушен квалитет на живот, со отежнат или невозможен пристап за брза помош, пожарна и други итни служби.
„Наместо овие проблеми да се решат, сега се додава уште еден ден хаос, уште поголем метеж, паркирани автомобили насекаде, дополнителна бучава, загадување и ризик за безбедноста на жителите. Ова не е само прашање на бизнис и приходи, туку прашање на почит кон граѓаните кои живеат тука секој ден. Жителите не смеат да бидат последни што ќе дознаат за одлуки кои директно им го нарушуваат животот“, велат жителите.
Тие бараат транспарентност во носењето на одлуките, јавно мислење и вклучување на жителите, јасен и обврзувачки план за сообраќај, паркинг, ред и чистење, како и гаранции дека населбата нема да трпи штета.
Исто така, јавно ги повикуваат градоначалникот, претседателката и советниците, директорот на ЈП „Пазариште“, како и началникот на СВР Куманово, во недела лично да ја посетат населбата, да се прошетаат по улиците и на лице место да се уверат во какви услови живеат и со какви проблеми се соочуваат жителите.
Одлуката за отворање авто-пазар на локацијата на добиточниот пазар беше донесена на вчерашната седница на Советот на Општина Куманово, како можност јавното претпријатие да ја прошири својата дејност и да изнајде начин за излез од тешката финансиска состојба. Авто-пазарот ќе работи во сабота, додека добиточниот пазар ќе биде вратен во среда.