×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Оџачарите им носат среќа на луѓето

    12.12.2013 01:31 | KumanovoNews

    Кога ќе ме видат на улица ми приоѓаат и ме допираат за копчињата од облеката, си замислуваат желба и чекаат да им се исполни

    Оџачарите им носат среќа на луѓето

    Оџачарот, Бобан Јаневски (42) од населба Карпош повеќе од една деценија ги чисти оџаците на кумановци. Откако греењето на дрва е се поприсутно, работата му се зголемила, па тој вели дека се качил на речиси секој втор покрив во градот и ги исчистил оџаците на половина од куќите во Куманово.

    Оџачарството не е многу платена професија па младите луѓе тешко се одлучуваат да се занимаваат со неа, но Бобан вели дека си ја сака работата и покрај тоа што е валкана и бара многу напор. Препознатливи по својата црна облека, оџачарите се синоним за среќа и луѓето ги почитуваат.

    За 10 години колку што ја работам оваа невообичаена и понекогаш опасна професија сум се нашол во разни ситуации. Кога ќе ме видат луѓето на улица ми приоѓаат и ме допираат за копчињата од облеката, си замислуваат желба и чекаат да им се исполни. Во Куманово има многу суеверни луѓе, повеќе помладите, но и од постарите. Луѓето ме почитуваат, кога ќе ме видат на велосипед, обично застануваат и ме поздравуваат. Ние не сме лекари да носиме бел мантил, туку носиме црна облека за да не се валкаме кога сме во допир со чадот - вели оџачарот.

    Скала, ѓулиња и различни видови четки се секојдневни реквизити на оџачарите. Тие со својата опрема секојдневно се качуваат на покривите на куќите што може да биде многу опасно доколку не се внимава.

    Нашата работа бара голема концентрација, бидејќи само еден погрешен чекор може да биде фатален. Чистењето оџаци е многу тешка работа, посебно во зима кога покривите се покриени со снег и подмрзнати. Лесно може да се падне ако не се внимава. Но, понекогаш знае да биде и забавно на работа. Се случува да најдам гнездо од птици или мед од пчели во оџакот.- додава Бобан.

    Бобан се одлучил да стане оџачар откако по завршувањето на средното ветеринарно училиште не успеал да најде работа. Прво почнал да работи како самоук оџачар, а потоа завршил и курс за оваа професија. Објаснува дека за него има најмногу работа додека трае грејната сезона од ноември до март.

     Некогаш на ден добивам 10 повици и веднаш одам на терен, но има и денови кога нема да исчистам ниту еден оџак. Во лето не викаат само ако некој ја варосува куќата или реновира нешто. Но сепак во сезона може солидно да се заработи бидејќи во Куманово нема многу оџачари. - раскажува Јаневски.

    Последниве години поради поскапувањето на енергенсите, се повеќе граѓани одлучуваат да се грејат на дрва и затоа оџачарството стана дефицитарна професија.

    Редовното чистење оџаци е добра превентива од пожари. Од Противпожарна единица Куманово потврдуваат дека годишно регистрираат 20 до 30 пожари каде дошло до запалување на неисчистен оџак.