×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Орваница – една од бројните исчезнати селски населби во Кумановската област

    12.06.2022 10:12 | KumanovoNews

    Околу уситието на реката Бистрица во Пчиња, недалеку од денешното село Коинце, постоела мала населба Орваница.

    Орваница – една од бројните исчезнати селски населби во Кумановската област

    Пред крај на турското владеење, Орваница била чифлик. Според Ј. Трифуноски, сопственици на чифликот биле Aлбанци („арбанаси“), т.е. браќата Ајвас, Асан и Шабан. Тие потекнувале од кумановското село Сушево. Чифликот во Орваница го основал таткото на споменатите браќа, Дели Аф’з околу средината на XIX век, кога според кажувањата грабнал девојка од селото Пелинце и ја исламизирал. Бидејќи тој се „вовлекол“ во селото и го заплашил населението, си ги присвоил селските дрвја (врби и тополи со селски ливади) во месноста која се нарекувала Орваница. 

    Набрзо започнал да ги користи врбите и тополите кои многу добро успевале покрај реката Пчиња и да ја обработува плодната земја. За тоа селаните и селото ништо не му смеело. Користејќи го стравот што го имале селаните, Дели Аф’з постепено им ја одземал ораницата, а селаните од ова и околните села ги натерал на принудна работа. На кулучење тој доведувал луѓе дури од Враготурце, Степанце и Орах. Тоа било така сé додека на кулучењето не се спротивставил некој си селанец Јован Чакал од с. Враготурце и оттогаш овој насилник не се осудил да дојде по кулук во козјачките села, туку се повлекол во своето старо село Сушево, каде што му живеело семејството. 

    Сепак, Аф’з го наследиле споменатите синови Ајвас, Асан и Шабан. Шабан исто како и неговиот татко, ја грабнал девојката Велика, која била ќерка на некој си свештеник Филип, од селото Пелинце, од фамилијата Костинци, ја исламизирал и ја зел за жена. 

    Отворил меана и бакалница во Орваница и почнал на селаните да им дава на вересија и за пари. Така започнал да ги задолжува да им го одзема имотот заради долгот, а некои ги претворил во чифчии и момци. На тој начин многу се збогатил, започнал да тргува со Солун и направил огромен чифлик. 

    До 1912 година, освен арбанашки (албански) домаќинства, во Орваница имало и малку Роми (муслимански и православни). Тие обработувале земја во споменатиот чифлик. Муслиманските Роми исто така работеле и како ковачи. Гробиштата на православните Роми биле во соседното село Коинце. Во Орваница во тој период имало кула, ан, меана и дуќан со бакалски еспап. Анот се наоѓал покрај познатиот стар пат кој водел по долината на Пчиња од Солун преку Штип и Врање до Белград.

    Набљудувано во целина, селото Орваница била од збиен читлучки тип. Спрема тоа, и не зафаќалo многу голем простор. Сопствениците на чифликот на околните селани им наметнувале тешки феудални обврски. Селаните биле присилувани да работат кај сопствениците на чифликот во време кога имало тешки полски работи.

    По ослободувањето од Турците, Aлбанците од Орваница преминале во Куманово. Тогаш и Ромите некаде се разбегале. Според испитувањата на Ј. Трифуноски, во соседното село Алгуња, во маалото Гулиновац, живеат православни Роми од родот К а р а ф и л ц и, кои биле доселени од Орваница. Земјата која припаѓала на Шабан и Ајвас, од страна на државната власт била поделена на околните селани. 

    Својот дел од земјата го задржал само Асан, бидејќи тој пред 1912 година им помагал на српските четници, но во 1946 година и неговата земја преминала во социјалистички сектор. Асан, инаку важел и како познат надрилекар. Ј.Х. Васиљевиќ, за селото Пелинце во еден дел вели: „до пред неколку години, селото, така да се рече, морало да пазари кај Арнаутинот Асан во Орваница, а сега оди на пазар во Куманово“.

    Во Орваница по Втората светска војна се наоѓала една стопанска зграда, во сопственост на Земјоделски Индустриски Комбинат “Куманово” (ЗИК). Остатоците од зградата постојат и денес. Околу зградата имало ниви со пченица (30 ха), лозја (25 ха) и овоштарници со јаболки (20 ха). Чифликот Орваница е претставен и на Австро-Унгарските карти за Македонија од 1900 година.

    Веднаш до Орваница, се наоѓа едно возвишение кое се нарекува Градиште. Наоѓалиштето претставува населба од бронзено време, железно време и рана антика. 

    Денес, месноста Орваница претставува слабо познато излетничко место, кое го користат вљубениците во природата. Овде, реката Пчиња е доста чиста, наместа длабока и нуди можности за риболов, сончање, капење и други активности.

    Литература:
    Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, стр.149, 185 Београд, 1909.
    Ј.Ф. Трифуноски - Исчезла сеоска насеља у Кумановској области, Врањски гласник, књ. 7, Врање, 1971
    Ј.Ф. Трифуноски – Кумановска област, Скопје, 1974.
    http://lazarus.elte.hu/hun/digkonyv/topo/200e/39-42.jpg
    фото: Ф. Ѓошевски, 2015

    Филип Ѓошевски, дипломиран географ