×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Јане Сандански се криел во тајна соба во најубавата куќа на Грк од Мелник

    25.04.2021 08:58 | KumanovoNews

    Сандански, во својата храбра борба против Османлиите на територијата на Пиринска Македонија, наоѓал засолниште во куќата на грчката фамилија Кордопулос во Мелник од каде и самиот е родум. Денес таа е во приватна сопственост и е претворена во музеј, отворенa за посетителите. Во една од големите простории централно место зазема сликата на Сандански и неговиот цитат „Да живееш значи да се бориш, робот - за слобода, а слободниот - за совршенство“

    Јане Сандански се криел во тајна соба во најубавата куќа на Грк од Мелник

    На 22 април година се навршуваат 106 години од загинувањето на славниот македонски револуционер Јане Сандански, кој во својата бурна историја и бескомпромисна борба се залагал за ослободување на Македонија и за самостојна македонска држава. Овој голем револуционерен деец, војвода и водач на Македонската револуционерна организација е роден во селото Влахи, Мелничко, во Пиринска Македонија, а речиси целиот живот го посветил на македонската кауза.

    Убиен е од заседа на 22 април 1915 година, на патот од Мелник кон Неврокоп (денешен Гоце Делчев). Животот го завршил остро спротивставувајќи се Бугарија да се вклучи во Првата светска војна, сметајќи дека тоа ќе биде нова катастрофа за Македонија. Неговото тело го пронашле карванџии, кои го пренеле во Роженскиот манастир чиј закрилник бил славниот војвода.

    Неговите следбеници го погребале во непосредна близина на овој манастир, кај црквата „Свети Кирил и Методиј“, која ја изградил самиот Сандански во 1914 година. Споменик на големиот борец за македонската независност е подигнат и во мелничката шума, на самото место на убиството, кој сведочи за неговите заслуги.

    Пиринскиот цар, како што бил нарекуван Сандански, бил омилен кај целото население во неговиот роден крај, во Пиринска Македонија, кое го штител од зулумите на турските поробувачи и другите непријатели. Бидејќи за неговата борба и дело многу е пишувано и познато, ви пренесуваме помалку познати детали, од еден поинаков агол, кои уште повеќе ја потврдуваат неговата слава и величина.

    Сандански, во својата храбра борба против Османлиите на територијата на Пиринска Македонија, наоѓал засолниште во огромната куќа на грчката фамилија Кордопулос во Мелник од каде и самиот е родум. Богатиот трговец и винар од ова мало градче, Гркот Манол Кордопулос бил закрилник на големиот пиринскиот цар. Како негов пријател и подржувач го криел од Турците во тајна соба од која имало излез кон задната страна и таен пат до Роженскиот манастир.

    Кордопуловата куќа, која се наоѓа на ридот на Мелник, е најголемата зачувана средновековна куќа во Бугарија и најголема преродбеничка куќа на Балканскиот Полуостров. Денес е во приватна сопственост и е претворена во музеј, отворенa за посетителите, кои можат да се воодушевуваат на неверојатно раскошната архитектура. Во една од големите простории централно место зазема сликата на Сандански и неговиот цитат „Да живееш значи да се бориш, робот - за слобода, а слободниот - за совршенство“- епитаф кој се наоѓа и на неговата надгробна плоча на гробот во близина на Рожденскиот манастир, оддалечен околу 7 км од Мелник. Во една од собите, која служела за разговори со деловните партнери на Кордопулосови, се уште може да се види “тајникот“, односно, еден долап преку кој се влегува во тајната соба каде се криел Сандански.

    Мелничани со гордост и посебен пиетет зборуваат за револуционерниот деец, потврдувајќи ја приказната за Сандански, осведочена и во самата Кордопулова куќа. Величајќи го неговото револуционерно дело и заслугите за ослободувањето на Мелник и мелничкиот крај, тие го упатуваат секој посетител во прочуената преродбеничка куќа. Изградена во 1754 година од богатата и надалеку позната грчка фамилија трговци Кардопулос, таа првенствено била наменета за производство и трговија на вино. Најпознатата винарска фамилија со столетија преработувала и чувала до 250 000 литри од прочуеното густо и темно мелничко вино, наменето за извоз. Со карвани од камили го транспортирала во Солун и во Средна и Западна Европа (Италија, Франција, Шпанија, Англија, Австрија...).Виното се произведувало и чувало во подземните винарски визби и лавиринти, издлабени во песочната почва под мелничките пирамиди. И денес туристите можат да го видат долгиот тунел од 150 метри, на чии ѕидови лепат парички за среќа и исполнување на желбите, а сочувана е и бочвата во која Кордопулосови ја чувале скапоцената рубинова течност.

    Визбата до денес ја задржала својата функција и секој турист може да дегустира и да купи од познатото мелничко вино, кое се уште овде се произведува и се чува во огромни буриња од кое најголемото собира 12,5 тони вино.

    Горните катови од куќата, се огромни одаи, уредени во венецијанско-ориентален стил, со богато декорирани и насликани прозорци и тавани и сочувани автентични предмети, кои го отсликуваат некогашниот живот на богатата грчка фамилија.Гостинската соба е украсена со 24 прозорци од венецијанско стакло, а во куќата имало и сауна, како и летна градина чиј под од камен ја претставува картата на Бугарија и служел како сончев часовник , кој и денес го одбројува времето во оваа импресивна градба. Последниот претставник на прочуените грчки винопроизводители, Манол Кордопулос (познат уште и како Манолис Кардопулов) бил инжинер-технолог за винарство со француска диплома. Во 70-тите години од 19 век, тој со свои средства ги обучувал мелничките лозари за одгледување на лозовите насади, а со своето иноваторство го предизвикал грчкиот владика, кој го исклучил од црквата. Покрај страста и љубовта кон винарството, Манол бил приврзаник и на востаниците кои се бореле против турското ропство. Тој се здружил со Сандански и го криел во својата куќа во годините пред Првата Балканска војна. Но, непосредно пред одредот на големиот војвода да влезе победоносно во Мелник, ноќта на 14 октомври 1912 година, Турците кои го напуштале градот, убиле 28 Мелничани, меѓу кои и последниот Кордопулос, благородниот Манол. На 30 октомври (според некои извори на 27 октомври), Сандански влегол со четата и го ослободил Мелник, но за жал, веќе го немало неговиот пријател Грк на кого толку многу му должел.

    Според официјалните податоци, пред Балканските војни мнозинско население во Мелник било грчко. Но, заедно со турското, најголем дел од нив се иселиле по Првата Балканска војна. Потомците на мелничките Грци денес живеат во пограничниот грчки град Сидирокастро. Во овој пирински град, раскажуваат мештаните, имало и Евреи, Роми и Власи. Но, денес сите се иселени, а градот на Сандански, кој некогаш броел и до 22 000, сега има едвај 150-200 жители и е најмалиот град во Бугарија.

    Мелничани ја задржале традицијата и до ден денес се занимаваат со винопроизводство и туризам. Во куќите со автентичната архитектура, во кои живеат, долните катови се претворени во угостителски објекти, а секоја има и винарска визба од каде на туристите им се нуди познатиот мелнички гроздов еликсир. На посетителите им се нуди и изобилство на значајни културно-историски знаменитости на малиот туристички град, опколен со мелничките пирамиди и Пирин планина, кој наликува на вистински музеј. Сепак, меѓу нив, најпознат и најславен е споменот на големиот македонски војвода Јане Сандански.

    Жаклина Цветковска