×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Се искористуваат само до 45 % од предвидените средства за субвенции што ги обезбедува Општина Куманово

    24.11.2023 11:25 | KumanovoNews

    На годишно ниво се искористуваат само 40 до 45 проценти од предвидените средства за субвенции што ги обезбедува Општина Куманово. Интерес има, но сите баратели не ги исполнуваат условите, а потребна е и поголема кампања за информирање на граѓаните.

    Се искористуваат само до 45 % од предвидените средства за субвенции што ги обезбедува Општина Куманово

    Ова го покажува мониторингот на НВО Инфоцентарот, со партнерските организации Спектар од Крива Паланка, ГИЖ од Свети Николе, Организација на жени од Струмица и Активо од Велес, спроведен во периодот мај – септември 2023 година во Куманово, Велес, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе и Лозово. Целта е да се согледа дали и какви субвенции им доделуваат општините на граѓаните, како и дали локалните власти ги консултираат граѓаните за нивните потреби и очекувања од субвенциите.

    Според податоците, Општина Куманово обезбедува повеќе видови субвенции за граѓаните, кои во најголем дел се насочени кон поддршка на социјално ранливите категории граѓани и заштита на животната средина.

    Во периодот од 2020 до 2023 година, најмногу средства се предвидени за субвенции за комунални услуги и тоа близу половина милион евра. Заклучно со мај 2023 година, потрошени се речиси половината од нив, што подразбира реализација од околу 42%. Од општината велат дека за овие субвенциите има интерес и дека тој се зголемува секоја година. Но некои баратели не ги исполнуваат условите, додека некои, во меѓувреме, целосно ја губат или добиваат само делумна субвенција.

    Единствениот вид субвенција во Општина Куманово што има целосна реализација е субвенционирањето трошоци за јавен градски и меѓуградски превоз во 2022 година, кое се однесува на пензионерите. Потрошени се сите предвидени средства во висина од 1,4 милиони денари, што ги искористиле 400 пензонери.

    За субвенционирање на трошоците за комунални услуги и за кирија за социјално ранливите категории граѓани, како и за јавен градски и меѓуградски превоз од програмите за социјална заштита од 2020 заклучно со мај 2023 година, поднесени се 2.066 барања, а одобрени се 1692. За субвенции за приклучок на гасоводна мрежа сите пријавени кандидати добиле субениции, но од општината не доставиле конкретни податоци за нивниот број. Во периодот од 2022-2023 година за оваа намена одвоени се 1.9 милиони денари (близу 31.000 евра), а заклучно со мај годинава искористени се околу 730 000 денари или 12.000 евра.

    „Иако токму за овој вид субвенции има најголем процент на реализација, кој се движи од 43% до 93% индикативно е што средствата за оваа намена од година во година рапидно се намалуваат. Во 2020 година предвидени биле 1 милион денари (околу 16.000 евра), додека за 2023 година, предвидени се само 200.000 денари, односно нешто повеќе од 3.000 евра.

    Во извештајот е забележано и дека Општина Куманово е една од малкуте општини во државава која обезбедува бесплатен општински превоз за сите граѓани. За периодот од 1 јануари - 30 септември 2023 година, издвоени се околу 750.000 евра од општинскиот буџет. За воведувањето бесплатен општински превоз општината спровела анкета меѓу граѓаните, а по првите 6 месеци спроведена е и анкета за мерење на задоволството од оваа мерка, која е оценета како позитивна и потребна.

    Од буџетот на општината се издвојуваат средства и за бесплатниот превоз на патници за линиите Куманово-Клечове-Довезенце и Куманово-Клечовце-Бељаковце за што има спогодба со Општина Старо Нагоричане. За оваа намена се издвоени 2.225.000 денари (околу 36.000 евра) со вклучен ДДВ за период од 6 месеци, од 1 април до 30 септември 2023 година.

    Индикативно е што за новововедената субвенција од оваа година за уредување на дворни површини на колективните станбени згради, заклучно со мај 2023 година, не се пријавил ниту еден барател. Постапката се уште е во тек, а вкупниот буџет е 400.000 денари (6.500 евра). Субвенциите покриваат трошоци во вредност од 80% од вкупната инвестиција, но не повеќе од 80.000 денари по доставено барање.

    Во извештојот се заклучува дека принципот на доделување на субвенциите во општината е според редот на пристигнати пријави, се до исцрпување на предвидениот буџет, а доколку има повеќе баратели се зема предвид приходот во семеството. Сепак, освен во категоријата на социјално ранливи групи, забележително е отсуство на стимулативни мерки за поддршка и субвенционирање на младите. Општина Куманово не води ни детална демографска и родова статистика за барателите и корисниците на субвенции.

    Во рамките на мониторингот, организациите спровеле и онлаjн анкета на која одговориле 344 граѓани од Куманово.

    „Најголем дел од анкетираните, односно 68.6% не знаат каков вид субвенции доделува општината, а на повеќе од половината испитаници не им е познато дали субвенциите одговараат на потребите и приоритетите на граѓаните. Високи 58.7% не знаат на кој начин се определува какви субвенции ќе доделува општината, а само 19.2% сметаат дека субвенциите се доделуваат според јасни критериуми и транспарентно, додека 24.7% го тврдат спротивното“, се наведува во извештајот.

    Само 6% од анкетираните, пак, одговориле дека користеле субвенции во изминатите 3 години, а дури 94% сметаат дека граѓаните треба да бидат консултирани при определувањето на видот на субвенции што ги доделува општината.

    Граѓаните на Куманово во иднина бараат субвенции за: енергетска ефикасност, фотоволтаици, клими, велосипеди, пелети, огрев, станбена изградба, невработени, млади, ученици, самохрани родители, деца со посебни потреби, земјоделство, пчеларство, училишен оброк и др. Дел од испитаниците бараат да продолжат субвенциите за приклучок на гас, за бесплатен јавен превоз, како и за комунални услуги.

    Главни препораки се дека граѓаните не се доволно запознаени со процесот на определување и доделување субвенции, и затоа општините, треба да бидат про-активни, да ја зајакнат двонасочната комуникација и информирањето на граѓаните. Исто така, граѓаните сметаат дека општините треба да ги консултираат, и врз основа на нивните барања и потреби да ја креираат политиката за доделување субвенции на локално ниво.

    Мониторингот е реализиран во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.