Стартува системот „One stop" контрола на преминот Табановце - Прешево за побрз протокот на патници
На граничниот премин Табановце - Прешево, министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска го промовираа почетокот на "One Stop" системот на заеднички контроли, со што се овозможува побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.

„Она што го ветивме го остваруваме на дело. На почетокот на оваа летна сезона, воведуваме заеднички систем на гранична контрола, кој што треба да овозможи побрз проток и помалку чекање на нашите граѓани. Денес официјално започнуваме со употребата на "One Stop" системот и сигурен сум значително ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на нашите граници. Денес беше потпишан и протоколот за размена на полициски службеници во рамки на туристичките центри каде што имаме потреба во рамки на туристичките сезони“, потенцираше министерот Тошковски.
„Целта на оваа соработка е поедноставување на комплетните процедури на граничните проверки така што полициските службеници на земјите ќе бидат овластени освен за граничните проверки на својата земја да ги извршат и проверките и за излезните гранични проверки. Едноставно воспоставуваме "One Stop" контрола и тоа на местото на влегувањето во државата. Со тоа едно застанување се избегнува непотребното задржување на патниците на излез. Ова е голем чекор напред посебно кога се однесува за големите празници или летната сезона која голем број луѓе ги минуваат границите“, образложи министерот Ивица Дачиќ.
Воедно двата министри разговараа за дефинирање на соработка во вонредни ситуации како пожари за взаемно помагање и користење на ресурсите со кои располагаат двете страни.