Мени

Талентот ме водеше кон големата сцена, срцето ме враќаше во Куманово

24.12.2025 08:22 | Сузана Николиќ

Пет и пол децении верност кон песната, публиката и родниот град – Маргица Антевска останува едно од најпрепознатливите имиња на кумановската и македонската музичка сцена.

 

Талентот ме водеше кон големата сцена, срцето ме враќаше во Куманово

Кога имала дваесетина години, пејачката Маргица Антевска добила понуда да гради музичка кариера во Белград, но ја одбила затоа што ѝ било незамисливо да го напушти родното Куманово. Денес, од оваа временска дистанца, признава дека можеби направила грешка и пропуштила исклучителна  шанса, бидејќи талентот ја водел кон големата сцена, но срцето секогаш ја враќало дома.

„Кога го завршив факултетот се пријавив на аудиција во Универзална сала, што ја организираше Радио Белград. Отпеав една песна и по неколку дена ми стигна телеграма од продуцентот Радослав Гајиќ дека сум примена. Бев пресреќна. Секој втор петок патував со воз на снимањата на емисијата ‘Максиметар’, чиј водител беше актерот Драган Николиќ. Постојано одев таму-ваму. Луѓето гледаа колку се мачам и ми велеа: ‘Девојко, вие имате многу убав глас, можете да останете во Белград и да градите кариера’. Но јас бев поврзана со моите родители и, како врапче, си долетував од Белград назад во Куманово. Имав страв, некаква неодлучност во мене. Сакав да си бидам во моето Куманово – тука бев среќна“, раскажува Маргица.

Учеството на „Максиметар“, каде го освоила третото место, ѝ ги отворило вратите и за други фестивали. Во тој период, со композиторот Славе Димитров настапила на Суботичкиот фестивал, каде исто така била наградена. Започнала соработка и со композиторите Љупчо Константинов и Љубомир Бранѓолица, а паралелно ги снимала и најубавите македонски народни песни, од кои голем број се зачувани во архивата на Македонската телевизија.

Кариера одбележана со „тешки“ песни

Маргица вели дека нејзината кариера ја одбележале тешки и длабоко емотивни песни, а продуцентите со кои соработувала знаеле да ги препознаат нејзините квалитети и силата на нејзиниот глас. „Песната на ангелот“, „Ој ѕвездо“ се само дел од нејзиниот препознатлив репертоар.

„Сега кога размислувам, тие подобро знаеле каков глас имам, каков талент и каква душа носам, отколку што јас самата бев свесна. Немам весели песни – моите се тешки, длабоки, со многу емоција во нив“, вели Антевска.

Нејзиното место во музиката било некаде помеѓу народната и забавната песна.

„Секогаш се борев сама, никогаш не се наметнував, ниту некој ме протежираше. Сè беше заслуга на мојот глас и талент. Најважно ми беше песната да ја испеам како што треба. ‘Смилувај се, сино небо’ е песна што ја кине душата – за неа добив награда за најдобра интерпретација на фестивалот ‘Серенада’ во Битола, а публиката ми аплаудираше десет минути“, се присетува Маргица.

Оваа година Маргица Антевска одбележа 55- години уметничка кариера со концерт во Занаетчискиот дом. Се сеќава како вчера на своите почетоци, кога како 18-годишно девојче застанала пред жирито на аудиција за градскиот хор во Театар Куманово. Талентот го наследила од родителите – татко ѝ бил сценски работник во театарот и пеел во мешан хор, а мајка ѝ во женскиот хор.

„Ме примија и почнав да снимам во Радио Скопје. Првата песна што ја снимив беше ‘Еден ден кога ќе се вљубам’, на Љупчо Константинов. Во 1971 година со песната ‘Девојка’ настапив на Скопскиот фестивал. Тогаш пеев забавна музика.“

Во 1975 година во Опатија била претставник на Македонија за избор на песна за Евровизија, заедно со Никола Давидовски и Миодраг Божиновски. Се сеќава на анегдота од тоа патување – сите останале една недела, а таа си заминала веднаш по снимањето.

„Никола ми викаше: ‘Маргице, има авион’, а јас му одговорив: ‘Нека, јас ќе си одам со автобус’. Беше февруари. Кога се вратив, мајка ми ме праша зошто не сум останала уште, таму сонце, убаво време, а овде студ. Се зглавив во кал во Куманово, ама дома да сум си,  со моите, во мојата куќа. Душата ми беше полна.“

Кариерата успешно ја градела до 1984 година, кога поради смртта на татко ѝ се повлекла од музиката цели шест години. Во 1991 година се вратила на сцената со народна песна, по наговор на Миодраг Божиновски. 

„Дури не мислев да се враќам, но Миче ме разбуди од тој длабок сон. Ми ја даде песната ‘Ој туѓино’ за фестивалот во Валандово, а потоа за Цветници во 1992 година ‘Не лудувај, Јоване’. Потоа ја снимив и првата касета. Да не се сретневме со Миче, кој знае дали ќе ја продолжев кариерата,“ искрена е Маргица.

Следуваат нови песни, фестивали, концерти и бројни настапи на МТВ и Радио телевизија Куманово. Има снимено околу 100 народни песни и одржано јубилејни концерти за 40, 50 и 55 години кариера – секогаш во својот град. Добитник е и на повеќе награди за животно дело.

„Јас сум задоволна од својата кариера. Секако дека можело и подобро, да имам повеќе песни, но што би значело тоа? Ми велат дека не сум го „уновчила“ талентот, дека ако настапував повеќе во странство ќе заработував повеќе. Материјалното не може да го замени духовното. И што од тоа, ќе купев уште еден стан. Доста ми е и од овој што го имам, не можам да го изодам во сите соби“, вели низ насмевка оваа скромна и топла жена.

Нејзиниот најголем хендикеп во животот била фобијата од летање со авион. И покрај бројните покани за турнеи во Европа, Америка и Австралија, стравот бил посилен.

„Ми предлагаа да испијам апчиња за смирување, но попусто. Еднаш физички се разболев кога требаше да летам за Германија. Едноставно тој страв беше појак од мене. Никогаш не го надминав. Затоа ја поминав цела Југославија. Белград ми е посебно врежан во срцето, таму почнав.“

Песната е нејзиниот живот, а најсреќна е што талентот го наследиле и нејзините деца.

„Му благодарам на Господ за дарбата што ми ја дал. Човек може да се образува, но без талент – нема успех. Моите деца Милена и Марко го наследиле мојот талент, се занимаваат со музика, а и внучето Јован исто така, мислам дека ќе биде успешен, бидејќи упорно вежба. Благодарна сум – сè ми е исполнето во животот.“

Маргица е родена во Битола во 1952 година, каде мајка ѝ се породила додека била на турнеја како хорист, поради што има посебна љубов кон овој град. Иако сакала да студира француски јазик, по совет на роднини запишала економија и работела како економист во фабриката „Искра“.

Денес, како пензионерка, поретко настапува, повеќе дома свири на клавир и пее за своја душа, а дел од тие моменти ги споделува и на социјалните мрежи, на задоволство на нејзината публика.

„Ја давам душата на дланка и тоа нема цена – не во материјална, туку во емотивна смисла. Сè може да се наплати, но музиката и уметноста немаат цена“, го завршуваме разговорот со нашата позната пејачка со ангелски глас и силна емоција, која нè придружуваше во текот на целото дружење.

(Фото: Приватна архива)