×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Завршија археолошките ископувања на локалитетот Градиште

    30.07.2020 08:38 | KumanovoNews

     Археолозите од Кумановскиот музеј завршиа со археолошките ископувања на локалитетот Градиште во с. Младо Нагоричане, кои беа предвидени во годишната програма на институцијата, а одобрени и финансирани од Министерството за култура.

    Завршија археолошките ископувања на локалитетот Градиште

    Археологот Дејан Ѓорѓиевски, кој го раководи проектот вели дека истражувањата биле насочени кон градбите кои биле детектирани со истражувањата од 2018-2019 г., во т.н. Средна тераса од локалитетот, а откриените ѕидови претставуваат една од најскапите и најодржуваните градежни инвестиции на локалитетот.

    „Станува збор за делови од моќен бедем кој бил граден во неколку фази и реупотребуван во целокупното античко егзистирање на локалитетот. Во една од фазите на градење, на западната страна на бедемот била доградена и помала кула која имала стратешка улога во одбраната на овој дел од населбата, и која сигурно не била единствен додаден дел од бедемот. За жал, според конфигурацијата на теренот, очигледно е дека бедемот настрадал со ерозивните дејства на локалитетот, настанати како резултат на активностите од поново време. Сепак, добиените податоци даваат интересни сознанија кои повторно ја потврдуваат значајната улога која локалитетот ја има во периодот на раната антика и хеленизмот “, посочува археологот Ѓорѓиевски.

    Според историските податоци, истражуваниот локалитет се наоѓа на територија која во 3-2 в. пр.н.е. претставувала фронтална линија во борбите на македонските кралеви против континуираните напади на Дарданците кон југ, по освојувањето на пајонските територии. Откриениот бедем со придружните елементи немал улога да ја заштити целата населба, туку само најгорниот, акрополен дел, од каде што потекнуваат и најексклузивните наоди.

    „Тоа зборува за диференцијација и своевидно паралелно егзистирање на аристократијата и обичните луѓе во периодот на 4-3 в. пр.н.е., а веројатно и порано, што од друга страна пак, наметнува повеќе прашања околу потеклото  и причините за таквото разграничување и можна сегрегација. Појавата на вакви бедеми со кули порано беше потврдена со ископувањата на Градиште – Кнежје и Вардарски Рид – Гевгелија, населби кои се припишувани на пајонските или на македонските владетели“, вели тој.

    Ѓорѓиевски, додава дека нашиот локалитет, заедно со претходните откриени ексклузивни наоди од камена пластика (јонски капители и бази), фрагментите од боен малтер и импортираната керамика, влегува со кругот на населбите кои имале блиски врски со претходно споменатите, односно биле инкорпорирани во пајонските и македонските цивилизациски достигнувања пред доаѓањето на Римјаните на овие простори.

    (Ф.Марковска)