ДОМ Куманово со поддршка за независниот кандидат Горан Стојковски – Диро
Зелената партија ДОМ во Куманово ја дава поддршката на независниот кандидат за градоначалник, Горан Стојковски – Диро, во вториот круг на локалните избори на 2 ноември.
Претседателот на општинската организација на ДОМ Сретен Стојковски, вели дека поддршката е договорена врз основа на конкретни мерки во интерес на здравјето, животната средина и транспарентното управување со Куманово, како и од "зелената" програма што ја застапуваат.
„Итна санација и отстранување на опасниот отпад во Табановце, реформа на инспекцискиот систем со формирање општински сектор за животна средина и комуналии, доследна примена на Законот за зеленило со минимум 20% зеленило на градежни парцели, доизградба на атмосферска канализација, заштита и обезбедување на бунарите Бедиње и Проевце, воспоставување зелени пунктови за градежен шут и целосна програма за прочистување и заштита на реката Кумановка, како и најважниот сегмент, формирање на „Совет за зелени политики“ со учество на соодветни експерти за заштита на животната околина“, рече Стојковски.
Тој додаде дека овие мерки не се празни зборови, туку интервенции кои ќе ги спасат здравјето и егзистенцијата на многу семејства во Куманово.
„Ние веруваме дека локалната власт мора да функционира транспарентно и одговорно, мора да имаме, редовен јавен отчет, вклучување на експерти и граѓаните преку Советот за зелени политики и јасни индикатори за реализација“, додаде Стојковски.
Тој ги повика сите граѓани на Куманово да ја прифатат шансата за промена која не се мери во визуелен оптимизам или партиски притисоци, туку во реализирани проекти што ги штитат луѓето и природата.
„На 2 ноември гласајте одговорно, за бројот 41, за човек што се обврзува на зелени и чесни политики. За Куманово што го сакаме и што го заслужуваме“, повика претседателот м-р Сретен Стојковски.





