×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Роберт Крстевски ги обединува младите на својот блог и ја поттикнува нивната креативност

    27.03.2021 23:00 | KumanovoNews

    Дваесет и шест годишниот Роберт Крстевски од Крива Паланка е единствен блогер од оваа општина, но и пошироко, кој со своите идеи и иницијативи дава огромен придонес за младите генерации. Неговиот блог е отворена платформа за презентација на младите и успешни луѓе, но и за креирање на младинска сцена каде се пласираат нивните потенцијали, креативност и професионални достигнувања. И секако, место каде тинејџерите и младите се обединуваат и го зголемуваат своето учество во локалните заедници. Крстевски особено изненадува со новите креативни проекти, покажувајќи умешност и знаење за многу теми, што зборува за неговата созреаност, наспроти годините што ги има. Најинтересно е, пак, што неговиот ентузијазам се темели исклучиво на лично задоволство.

    Роберт Крстевски ги обединува младите на својот блог и ја поттикнува нивната креативност

    Веќе 7-ма година успешно го водите и развивате својот блог. Од каде идејата да станете блогер?

     Фотографијата е мојата основна љубов и блогот го отворив за да имам место каде ќе можам да ги споделам самите фотографии. Првите неколку години објавите ги сочинуваа само фотографски сесии, но како што се развиваше мојот аматеризам во оваа област, се развиваше и содржинскиот дел на самите објави. Воведов нови содржини и рубрики, кои го направија блогот попрепознатлив, но и ден-денес основата, а и моја пасија, остана фотографијата.

    Вие сте младa личност и со блогирање сте започнале на 19 години. Сметате ли дека имавте доволно искуство да ја предизвикате публиката, а особено младите, да ве следат? Што е тоа што сакавте да и го кажете на јавноста?

    Како што напоменав, го отворив блогот за да имам место каде да си ги споделувам фотографиите, тоа ми беше единствената причина. Подоцна, кога ги воведов новите содржини, целта не ми беше колку и како ќе ја предизвикам публиката, туку колку што е можно поквалитетни објави да направам. Се водев од своите интереси и афинитети, кои, сметам, помалку или повеќе, се совпаѓаат со интересите на широката публика и ја задоволуваат љубопитноста на младите.

    Интересно е што на Вашиот блог не ги изнесувате Вашите ставови и мислења, не се претставувате себеси, како повеќето блогери. Напротив, Вие ги афирмирате другите, пред се, младите и успешни луѓе. Дали на овој начин се реализирате себеси?

    Преку секоја објава се изразувам себеси на некој начин. Од фотографија, интервју, па се до сопствен пишан текст. Наоѓам инспирација во многу работи околу себе, во обичните, секојдневни нешта, во природата, во луѓето кои ги среќавам, во се она што тие го работат. Кога ќе ве предизвика нешто да го забележите, овековечите и афирмирате, секако ве исполнува и самите вас. Од таа гледна точка, се што ќе остварам за другите е самореализација и за мене самиот. Секојдневно учам и се надградувам и јас.

    Како ги наоѓате соговорниците, лесно ли се согласуваат да ги пренесат своите ставови и искуства?

    Ако забележам кај некоја личност нешто што вреди да се сподели, ја поканувам да направиме интервју. Луѓето полесно се согласуваат за фотографирање, отколку да споделат некое свое искуство. Но, има и луѓе со кои имаме повеќекратни соработки, кои со задоволство ја прифаќаат поканата да бидат дел од содржините на блогот. Сфаќаат дека прават нешто добро за себе, но и за другите, и така стануваме соработници.

    Вие сте автор и на неодамнешната изложба „Најновата генерација 2021“, по повод новоотворената EU house во Крива Паланка на ЕУ делегацијата во Македонија. Каков предизвик беше тоа за Вас, да ги интегрирате младите и европските вредности?

    Поголемиот дел од учесниците на изложбата, се личности кои веќе биле дел од некоја рубрика на мојот блог, како млади и успешни, лица што во себе носат инвентивност, креативност и амбиција за некои достигнувања. Изложбата беше еден настан од осум паноа на кои беше претставено само дел од сето она што веќе неколку години го градам на блогот. Така што, баш ми е мило ако навистина сме ги рефлектирале европските вредности, поради кои и добивме покана да бидеме дел од настанот.

    Најдоминантна рубрика на Вашиот блог е рубриката „Тин лексикон“, наменет за тинејџерите. Во недостиг на младински акции и иницијативи, се чини ова е единственото место каде што кривопаланечките тинејџери се претставуваат, комуницираат, промовираат вредности на пријателство, афинитети и слично. Горди ли сте и задоволни ли сте на овој Ваш успех? Какви се повратните реакции од тинејџерите, покажуваат ли и тие иницијатива за тинејџерски теми или тие се главо Ваш избор?

    Рубриката #ТинЛексикон започна сосема случајно. Во почетокот на 2019-та направивме фотосесија со една тинејџерка за да го одбележиме фактот дека 2019-та е всушност последната „тин“ година на овој век. Сакавме да бидеме покреативни, па така фотографиите придружени со неколку лексиконски прашања и одговори ги објавивме под насловот #ТинЛексикон. Подоцна и други тинејџери изразија желба за фотосесии и така рубриката се развиваше. Тука особено сакам да ја истакнам објавата „НЕ БИДИ БУЛИВЕР“ каде заедно со тинејџерите застанавме против врсничкото насилство.

    Кога би морам да издвојам една објава со која најмногу се гордеам, тоа е токму оваа објава. Што се однесува до тинејџерите, тие се баш во тие години кога им треба поддршка и разбирање и мило ми е што имам супер конекција со сите тинејџери со кои досега имам соработувано.

    На Вашиот блог има и посебна рубрика „Бложиќ“- предбожиќно блогирање, како и рубрика КП(кривопаланечки) ликови. Зошто ги одбравте баш овие теми, нешто лично или оставање на траен запис за генерациите и едно време?

    „Бложиќ“ е само една активност плус, што повеќе да се насладам на новогодишната еуфорија, а во „КП ликови“ акцентот е ставен на интервјуираните личности од Крива Паланка. Целта секогаш ми е најдобра можна реализација на идејата што ја имам. Барав наслов за рубриката која ќе ги покрива интервјуата и така ја сковав „КП ликови“. Исто така, во потрага по наслов кој ќе ги обединува предбожиќните објави, настана „Бложиќ“. Сега, траењето е релативна работа, ако не друго барем личностите што се дел од содржините секогаш ќе се сеќаваат дека некогаш биле дел од сето ова.

    Се повеќе го усовршувате својот блог, го надградувате. Почнавте да постирате и видео записи. Покрај фотографијата, ги усовршивте и вештините на видео продукцијата. Тешко ли е да го прави тоа еден млад човек, што е се потребно?

    Ви благодарам, се трудам колку што можам подобро да го претставам она што е објект на самата објава. Видеата се ретки, но ги постирам во случаи кога сметам дека подобро го претставуват она што сметам дека објавата треба да го прикаже. Сето тоа е аматерско, можам да кажам и лесно составено, бидејќи има многу апликации на кои може многу лесно и брзо да се едитира едно видео.

    Вообичаено прашање, како ги бирате темите? Што најмногу читаат и коментираат младите?

    Јас гледам да имам колку што е возможно поразлични содржини, но дефинитивно најчитани се интервјуата, како и објави поврзани со градот Крива Паланка.

    На отворањето на EU house во Крива Паланка, претседателот Стево Пендаровски Ве праша како функционира Вашот блог, дали имате реклами, на што одговоривте негативно. Дали сепак планирате да ја комерцијализирате својата работа, сте размислувале ли за тоа?

    Не знам, тоа зависи од повеќе фактори. Засега работам од лично задоволство и тоа ме исполнува. Во иднина, ќе видиме како ќе се развиваат работите. Секогаш има простор за тоа, но најважен ми е квалитетот на моите објави.

    Отворено ги повикувате и предизвикувате останатите блогери да се вклучат на Вашиот блог со креативни содржини на македонски јазик. Има ли интерес?

    Тоа беше слоганот со кој го започнав „Бложиќ“ пред четири години, но морам да кажам дека денеска Инстаграм е главната алатка на сите блогери, инфлуенсери и слично. Водењето блог е чисто задоволство.

    Какво е Вашето искуство, задоволни ли се младите од Вашиот блог? Кои се најчестите коментари?

    Генерално слушам само позитивни коментари, се надевам дека навистина го мислат тоа.

    На крај, кој е Роберт Крстевски?

    Јас сум се она што можете да го видите на мојот блог.

    https://robertkrstevski.blogspot.com/

    ( Ж.Цветковски)