×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Зошто немате(ме) вода

    Владимир Трајковски

    Нема да препознаете по реакцијата на јавноста во градот, дека голем дел од истиот т.е од населението во него периодично со години на назад нема вода, во се пократки интервали. Поради тоа што зборуваме за нашата јавност, недостатокот од реакција овде нема да биде сфатен сериозно или на било кој начин земен како меродавен.

    Фина почетна точка за разгледување на овој проблем кој всушност не е проблем, е тоа дека прекинувањето на снабдувањето со вода на градот во 2001 год. беше третирано од Судот во Хаг за воени злосторства, по што беше формиран предмет кој потоа беше вратен во Македонија и завршен со прочуеното автентично толкување. Тоа служи како одлична илустрација за престап од каков ранг станува збор кога ќе забележите дека славината е празна, а знаете дека браната е полна. Овој проблем не е всушност проблем затоа што не станува збор за некој дефект кој треба да биде отстранет и затоа што нема никаква објективна пречка во водоснабдувањето. Она што ја спречува водата да дојде до Вашите домови е самоволието, самобендисаноста, обдуваните политички амбиции, невоспитаноста и сервилноста на оние кои се именувани да управуваат со вентилот во Липково.

    Сметајќи дека нема некој особен интерес за ова прашање, најголем дел од новинарските текстови на оваа тема доаѓаат до вообичаениот заклучок дека немате вода затоа што двете јавни претпријатија се препукуваат. Ова го прават поради стравот (оправдан!) дека можат да бидат впишани во листата на соросоидско-предавнички медиуми како и поради тоа што неутралноста во врска со политиката е издигната на ниво на доблест или сертификат за чесност, колку и да е бесмислена. Сето ова го прават и покрај тоа што овој заклучок е тотално одлепен од реалноста. Ова затоа што за да имате препукување треба да имате барем некаква рамноправност. Водостопанство може да му ја прекине водата на Водовод (со тоа и на нас). Со што може Водовод да одговори? Со ништо.

    За да бидете добро информирани треба да знаете неколку работи. Прво што мора да знаете е дека Водовод на Водостопанство му плаќа најскапа сирова вода во Македонија и дека тоа директно влијае врз износот на Вашите сметки. Пред најмалку неколку години беше најавуван ценовник за сирова вода кој би ја унифицирал методологијата за пресметување на чинењето. Ценовникот секако не е донесен. Причина за тоа е истата онаа поради која не се донесуваат или превземаат сите други очигледно корисни и потребни работи.

    Цената која Водостопанство мисли дека треба да му биде плаќана (највисоката во Р.М), не можеме да знаеме дали е базирана на нивните реални потреби. Немаме видено никаква пресметка на нивните реални трошоци, немаме видено никаков финансиски извештај за нивното работење. Финансиските извештаи за работењето на Водовод се од друга страна достапни квартално. Цената е всушност базирана на слободната лична проценка на двајца луѓе т.е дали ќе имате вода зависи од добрата волја и моменталното расположение на патриотско-командантскиот дует кој го води Водостопанство.

    Втора работа која исто така мора да се знае, а која воедно фрла светло врз тоа кој навистина сака да дојде до договор, е што во преговорите меѓу двете јавни претпријатија Водостопанство бара мерното место за водата која ја испорачуваат на Водовод да биде 11 (со зборови: единаесет) километри одалечено од филтер станицата за градот. Тоа е како Водовод да Ви мери потрошена вода на половина километар од Вашиот двор и за ова нема што повеќе да се каже.

    Трета работа која мора да ја знаете е дека во изминатите две години Водовод му има исплатено на Водостопанство без малку еден милион евра или точно еден милион долари. Се сеќавате дека финансиски извештај немаме видено за да можеме да ги цениме информациите дека имаат проблеми со покривање на нивните трошоци.

    Последнава работа е важна затоа што јавниот дискурс околу оваа патетична сага од дел од учесниците е спуштен во политичката кал. Неприкосновен принцип во работењето на јавните претпријатија или во комуналните работи е КОНТИНУИТЕТОТ на услугите што ги пружаат, затоа што зборуваме за тоа дали ќе имаме вода и дали ќе биде соберено ѓубрето. Привидниот аргумент дека, водата не е платена и затоа нема вода, е малоумен затоа што зборуваме за вода, која недвосмислено е човеково право, но овде веќе никој не се возбудува околу човекови права. Потребно е да знаете дека кумановската болница, касарна и полиција исто така не плаќаат вода редовно и дека не се исклучени. Финансискиот аспект е особено важен затоа што зборуваме за јавни претпријатија или правни субјекти кои не се створени за да работат со добивка, сосем обратно, тие постојат за да обавуваат дејности за кои приватниот сектор не е заинтересиран (барем не по постојните цени).

    Проблемите кои се присутни сега, биле присутни отсекогаш, но никогаш не биле доволни за да градот нема вода. Константното кревање на горната граница за политичко насилие и класичните мафијашки методи присутни во последната тура вмровско владеење ја створија атмосферата во која е прифатливо, па дури и пожелно, ваквото однесување. Затоа што сите поинакви треба да бидат сотрени, а пожелниот метод на општествено уредување вклучува 120 пратеници од ВМРО.  

    Целава ситуација е одлична слика за тоа до каде е дојдена и како функционира македонската политика или попрецизно патриотско-командантската коалиција. Мене лично особено ме забавува тоа што вода немаат и раководството на ДПМНЕ од Куманово, вода нема и пратеникот од Куманово од нивните редови, нивните советници и локални функционери.

    Само лојалноста кон партијата да не биде доведена во прашање, тоа никако.

    Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*