×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Шахот не е игра само за мажи и пензионери, шахот е спорт во кој секој е прифатен, вели Сања Трајковска, претседателка на Шаховскиот клуб Куманово

    17.02.2024 12:34 | Сузана Николиќ

    Не е точно тврдењето дека шахот е за мажите и за пензионерите. Тој е единствениот спорт, каде што можат да играат сите што имаат афинитети и да не се ограничени со годините и со полот.

    Шахот не е игра само за мажи и пензионери, шахот е спорт во кој секој е прифатен, вели Сања Трајковска, претседателка на Шаховскиот клуб Куманово

    Шахот е спорт во кој секој е прифатен. Независно дали има инвалидитет, аутизам, женско или машко. Многу е битно да се пронајдете во овој спорт – вели Сања Трајковска, претседателка на кумановскиот шаховски клуб и единствена жена во Македонија што е на чело на клуб во овој спорт.

    Куманово е втор град во Македонија, по Скопје, кој има најголем број шахистки во системот на натпреварување. Сања Трајковска (43) е единствената жена, претседателка на шаховски клуб во земјава. Иако постојат предрасуди дека шахот е спорт со кој главно се занимаваат мажите, Сања, со својот квалитет и успеси на ова поле, го докажува токму спротивното.

    Таа почнала да тренира на 13 години, а денес, по 30 години со мали прекини, е едно од врвните имиња во шахот, во Македонија.

    Најголем успех ѝ е учеството на Олимпијадата со македонската репрезентација во Словенија, во 2002 година. Членка е на македонската репрезентација, државен првак и учесничка на европски првенства, активен член на Шаховската федерација.

    Оваа спортистка вели дека шахот ѝ дал многу во животот. Прво ја дефинирал како личност, а потоа имал влијание и врз формирањето на нејзиниот карактер.

        „Учиш од грешките, гледаш дека погрешниот потег не значи изгубена битка, треба да се бориш до крај, да бидеш упорен, истраен, креативен и смирен. Има многу придобивки, кои многу значат во животот“ – вели Трајковска.

    Таа е прогласена за најперспективен млад спортист во земјава, во 1998 година и најдобар спортист на Куманово за 1999 година. Оваа скромна, но мошне успешна шахистка и стопанственичка, вели дека не ѝ паѓа тешко да води еден толку голем клуб со долга традиција.

     

     „Имам голема поддршка од членовите на клубот, особено кога треба да се организира некој настан. Без нив не би можела да функционирам. Ние работиме тимски и затоа имаме резултати. Имам поддршка и од семејството. Треба време и многу трчање, но засега добро функционираме“ – нагласува Трајковска.

    ШАХОТ НЕ Е ИГРА САМО ЗА ПЕНЗИОНЕРИ, НА КЛУПА ВО ПАРК

    Во нејзината кариера имало и  разочарувања, но смета дека секој пораз ја правел да биде уште посилна.

        „Има стрес, како и кај секој друг спорт. Особено кога играш за репрезентација. Ако губиш ти, губи целата екипа, имаш одговорност. Од тебе се очекува да го дадеш максимумот“, вели шахистката Трајковска.

    Таа смета дека е погрешно мислењето дека шахот е машки спорт. За таквата претстава веројатно придонеле сликите во парковите или пред зградите, каде што најчесто се гледа како мажите играат шах, додека жените работат низ дома и се грижат за децата.

    Не е точно тврдењето дека шахот е за мажи и за пензионери. Тоа е единствениот спорт, каде што можат  да играат сите што имаат афинитети и да не се ограничени со годините и со полот. Шахот е спорт во кој секој е прифатен. Независно дали има инвалидитет, аутизам, дале е женско или машко. Многу е битно да се пронајдете во овој спорт“, вели Трајковска за „Јасно.мк“.

    Таа  научила да игра шах од својот татко. Тој ѝ ги покажал првите потези и правилата на игра. Потоа продолжила да се надградува кај тренерот Влатко Крстевски, во шаховската секција на Домот за пионери.

    „Тоа е секција од која, не само што излегоа врвни шахисти, туку и добри луѓе и успешни професионалци. Една година, тројца кумановци бевме државни прваци, јас, Никола Левков и Сашко Крстевски. Бевме на Светското првенство во Бразил, како претставници на Македонија. Имавме успешна шаховска школа, која ретко кој ја имал во Македонија. Штета што таа традиција не продолжи. Тоа траеше до 2000 година, кога престана да работи домот, а секциите згаснаа“, раскажува Сања.

    Со носталгија зборува и за турнирите на кои некогаш учествувале, а биле организирани во соседните земји, особено во Србија и во Бугарија, кога се дружеле со другите деца и со нивните семејства. Имало возвратни посети и тие дружења прераснале во вистински пријателства, кои траат и денес. 

     „Кога им го кажуваме ова на нашите деца, не им е сфатливо, ама тогаш живеевме за тие дружења. Кога требаше да тренираме, се собиравме по дома и по цел ден вежбавме. Ние бевме единствените, никој никого не го вознемируваше, никој не се смееше ако некој имаше некаков проблем. На иста маса седат деца од 15 години до највозрасни луѓе, и сите имаат иста тема, сите се позитивни и исполнети. Тоа е убавината на шахот. Тоа е посебноста на светот во кој живеат шахистите“, вели гордо претседателката на кумановскиот шаховски клуб.

    Токму затоа, таа и нејзините колеги неуморно го промовираат шахот и неговите придобивки заради здрави поколенија, кои ќе ја продолжат традицијата на првите кумановски шахисти.

    Шахот стана изборен предмет во наставата во кумановските училишта

    Настава по шах, како изборен предмет, почна да се изведува од минатата учебна година во четири основни училишта во Куманово. Така, учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение во основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Крсте П. Мисирков“, „Наим Фрешери“ и „Кирил и Методиј“ добија можност еднаш неделно да ги изучуваат тајните на шахот.

    Воведувањето на шаховската игра во наставата, во основните училишта е проект на Шаховската федерација на Македонија, а се реализира во соработка со Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, локалните самоуправи и шаховските клубови. Проектот почна во 2021 година и досега се имплементирал во четириесетина училишта во државава.

    Потпретседателот на Шаховската федерација, Агим Шемшији од Куманово, вели дека се задоволни од интересот на учениците и родителите за изучување на шахот, со оглед на тоа што кај нас новите работи многу тешко се прифаќаат.

    „Ако порано на турнирите имавме 40 деца, сега имаме турнир од 190 деца. Тоа е резултат на  популаризацијата на шахот во училиштата. Има најава и интерес дека ќе се приклучат и други училишта“, вели Шемшији.

    Програмата предвидува одржување на 36 часа во текот на годината. Таа е прилагодена за возраста на децата, многу е лесна за совладување и интересна, бидејќи е еден вид видеопрезентација преку цртани ликови.

    За потребите на проектот, кумановскиот шаховски клуб одржал две обуки на 77 наставници од сите 16 основни училиштата во Куманово, кои добиле сертификати.  Федерацијата им поделила шаховски табли и таблети на наставниците каде што има настава.

        „Сѐ уште имаме несигурност кај наставниците што треба да ги држат часовите, но програмата е многу лесна и едноставна, што учителите и не мора да знаат да играат шах. Оние што се посигурни, се нафаќаат, другите се јавуваат и прашуваат за обуките, бараат помош и поддршка. Децата се воодушевени од часовите, едвај чекаат да дојде следниот час. Изненадени сме од ефектот, не очекувавме дека ќе има толку позитивен одѕив“, вели Сања.

    Таа ги поттикнува родителите што се во дилема да ги насочат своите деца кон шахот, бидејќи придобивките се многу големи. Покрај развивањето на когнитивните вештини, шахот ги развива и социјалните вештини.

        „Битно е децата логички да размислуваат, да бидат покреативни. Децата се учат на концентрација, што денес е проблем. Ќе дојдат и не можат да седат на столче, стануваат цело време, здодевно им е затоа што се научени на игри на телефон. Преку шаховската дисциплина развиваат имагинација, учат што е фер игра, самопочит и почит, емпатија“, вели Трајковска.

    Таа додава дека и на светско ниво се зголемува бројот на децата што тренираат шах. Ако во нејзино време велемајстори биле на 30-40 години, сега врвни играчи се деца на возраст од 13, 14 или од 15 години. Идеално време да се почне да се тренира шах кај нас е на 6-годишна возраст, додека во светски рамки, тоа се 4 години. Шахот, вели, е за луѓе што знаат да резонираат, да мислат и што се интелигентни. Пензионерите што играат шах, не заболуваат од деменција.

    Куманово со најстара и најуспешна шаховска школа со 91-годишна  традиција

    Воведувањето на шахот како изборен наставен предмет во кумановските училишта не е случаен, со оглед на тоа што градот има долга шаховска традиција, а градскиот шаховскиот клуб Куманово е најстариот шаховски клуб во земјава. Формиран е во јуни 1933 година и оваа година слави 91 година од постоењето. Тој е две години постар од скопскиот шаховски клуб, а само 9 години помлад од Светската шаховска организација, која годинава слави 100 години – формирана е во 1924 година.

    Шахот во Куманово го донел кумановецот Киро Алексовски-Европа, кој од 1930 до 1932 година, како политички осуденик лежел во Казнено-поправниот завод во Пожаревац и таму научил да игра шах. Кога излегол од затвор и се вратил во градот, ја донел првата шаховска табла и почнал своето знаење да го пренесува на своите сограѓани. Ги заразил да играат шах и тоа предизвикало голем интерес кај кумановци по што бил формиран првиот шаховски клуб.

    Низ годините, клубот имал подеми и падови, но најмногу стагнирал по 2000 година. Пред 4 години, клубот повторно е активиран, благодарение на неколку ентузијасти, кои активно работат на негова афирмација и промоција. Во моментов има повеќе од 200 активни членови од сите генерации, почнувајќи од најмалите од 8-годишна возраст, па сѐ до најстарите пензионери, кои не се откажуваат од шахот.

    Од досегашните успеси, за одбележување е тоа што Градскиот шаховски клуб бил првак на Македонија во 1987 година, а најголем успех постигнал во 2021 година, кога го освоил 5-то место на Европското првенство во шах, и тоа во конкуренција на сите европски држави. Клубот денес се натпреварува во Првата шаховска лига и го зазема 4-то место.

        „Куманово е една од елитните екипи на европските првенства. Нѐ има секаде, рамо до рамо сме со клубовите што имаат странски играчи и големи буџети и кои се 100 пати поголеми од нашите. Но, ние не се споредуваме со никој, иако ги имаме истите трошоци. Ова го работиме од љубов, без никаков надомест. Користиме наши ресурси и наши пријатели кога ни треба помош. Едноставно што сакаме е да го заживееме шахот, затоа што самите како играчи ги знаеме неговите придобивки. Ние сме еден од ретките клубови што го носи името на градот, а не на спонзорите“, велат Сања Трајковски и Агим Шемшији, кои се најзаслужни што клубот се издигна од пепел.

    Тие жалат што шахот денес го нема местото што некогаш го имало. Двајцата почнале да тренираат во шаховската секција во Пионерскиот дом, а бргу потоа станале членови на ГШК. Тоа биле златни времиња, во кои имало места за играње шах на десетина локации во градот.

    Денес клубот работи во просториите на месната заедница „Панче Пешев“ и има термини три дена во неделата. Тоа не е доволно за шаховски клуб што има такво реноме.

        „Куманово е шаховски град. Секогаш имало шампиони во државата. Се надевам дека локалната самоуправа ќе најде простор што ќе ни го додели. Куманово заслужува да има шаховска куќа, со оглед на традицијата. Би сакал да се случи тоа на 100-годишнината на Градскиот шаховски клуб. Да имаме голема сала, за да не ги држиме шаховските турнири во ресторани. Да направиме архива. Да имаме шаховски табли на отворено. Општината да ни даде локација, а ние сме подготвени самите, преку проекти, да обезбедиме средства од амбасадите. Имаме идеи и оптимисти сме дека ќе ни се исполни желбата. Сакаме да создадеме услови што ние како деца ги немавме.  Да ја продолжиме традицијата и да оставиме нешто за идните генерации“, вели Шемшији.

    На прославата на 90-годишнината од клубот беа голем број шаховски легенди и пријатели од соседните земји, кои го потврдија квалитетот и успешноста на клубот.

    (Текстот е изработен за порталот јасно.мк. Иницијативата ја спроведува Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во партнерство и со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Активноста е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за справување со погрешни информации и родово базирани дезинформации“, кој се имплементира со финансиска поддршка на Данска, Луксембург, Република Кореја и Шведска, во рамки на програмата UNDP Funding Windows).