Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Народна медицина или традиционална домашна медицина е „медицински систем“ кој се применува во народот, а кој се заснова на искуство, магии (гатање) и традиционални препарати од традиционалната домашна медицина. Чувството на болка, тажнеење, закани, осаменост и потребата за заштита наметната врз човекот од неговата болест, побарало од човекот некое објаснување.
Тој себе си и на другите го и дал. Така настанала народната медицина како прв и многу чест основен облик на лекувањето. Денес, таа се применува воглавно во сиромашните и заостанати средини, во кои стекнатите знаења најчесто се пренесуваат по усмен пат од колено на колено.
Но, како што покажуваат современите медицински истражувања, повеќето образовани луѓе, меѓу кои и докторите, кога во еден момент од својот живот ќе постанат болни, од време на време се одлучуваат да побараат помош од традиционалната народна медицина и нејзините лекови. И тогаш современиот човек почнува да користи методи на древни терапии, засновани на повеќевековни искуства на некогашни стари народи.
Народната медицина не е единствена и универзална, односно се разликува од народ до народ, од континент до континент, а настанала со мешање на застарени разбирања, суевериа и случајни сознавања.
Очигледно, човекот кој ја создал современата цивилизација се’ уште живее во несовршен свет. Во свет во кој не постои идеален лек и лекар кој е толку сигурен дека може да ги излечи сите негови страдања и болести. Загрижен за своето здравје, човекот често мисли дека некаде таму зад планините, морињата, мора да постои „некој и нешто“ што може во него да излечи се’, на брз, евтин и безболен начин. Дали е тоа вистина ? Овој делумен одговор ќе го дадеме во следниов текст.
За лекување на луѓе и добиток до крајот на турското владеење ретко се барала помош од вистински лекар. Тогаш лекари немало, не само во Куманово, туку и во други околни градски населби. Затоа било само раширено народното лекарство. Кај овдешното селско население уште од детско време се вршел избор на поздрави лица. Останувало во живот тоа што било прилично отпорно. Имало случаеви кај мажи и жени кои биле здрави до длабока старост.
По селата постоеле поединци кои до извесна мера биле искусни во укажување на лекарска помош. Кај нив селското население од околината барало помош во случај на потреба. Такви луѓе имало повеќе и во разни временски периоди. Пред крај на турското владеење еден лажен лекар бил на голем глас, Асан од исчезнатото село Орваница во долината на Пчиња. Дури по ослободувањето од турската власт во Куманово започнале да престојуваат вистински лекари.
Сепак во тој поглед положбата многу се изменила дури во годините по Втората светска војна. Населението од кумановскиот крај сега имаат најповолни услови за користење на здравствената служба, бргу е зголемен бројот на лекарите и другиот медицински персонал во Куманово, изградени се помошни здравствени установи во поголемите села, унапреден е сообраќајот за давање на брза медицинска помош и т.н.
Па и покрај сето тоа за потреба на лекување не се оди секогаш кај лекар, уште се практикува таканареченото народно лекарство. Приврзеници на народната медицина особено има помеѓу постарите мажи и жени. Доста се ползуваат „лековитите извори“. За изворот Св. Петка во селото Пендаќ се верува дека има таква вода. Кој е слаб, особено ако очите му се болни, оди да се мие со таа вода. Тоа се врши во петок. Болните мораат кај изворот да остават „белег“ од себе – конци и сл.
Во средишниот дел од селото Режановце, кое лежи западно од Куманово, постои голем камен крст и крај него се три извори. Кај овие извори во недела, среда и петок доаѓаат луѓе кои бараат помош од „секакви болести“. Изворот кој се посетува во недела, се верува дека помага против главоболка и за болести во нозете. Изворот, кој се посетува во среда, се верува дека помага за одземеност. Изворот, кој се посетува во петок, се верува дека помага за болести на очите.
Сепак во овој поглед најзначаен е изворот Самовилска вода кај селото Зубовце. Во минатото во петок и недела го посетувале болните од разни краишта на поранешна Југославија, дури и од Хрватска.
Велат, кој ќе се напие и измие од Самовилските Води кај Зубовце ќе оздрави и ќе закрепне. Водата ќе му ја скрши несреќата, оти кладенецот и се околу него имаат некоја виша сила, натприродна моќ. Таа, според легендата, доаѓа од самовилите кои одреден ден во неделата се бањаат во кладенецот кој потсетува на мал базен, вдлабнат во карпа. Па оттаму, кажуваат жителите на Зубовце, изворот бил наречен Самовилски Води. Некои парчиња од закачената облека се стари и по неколку години. Тие се излитени и искинати. Се гледа дека некои биле обесени на гранките пред само неколку дена. Нема грмушка или дрво на која не висат партали.
Таму ноќта меѓу четврток и петок се миеле самовилите, па затоа водата во изворот била најлековита пред изгрејсонце во петок. Покрај тоа што се мијат и ја пијат водата, луѓето оставаат и нешто бакшиш или облека. Според верувањето, кога ќе се соблечат да го измијат болниот дел од телото, старите алишта ги оставаат засекогаш таму и си облекуваат нови. Напоменуваме, на водата се оди само во петок и недела.
Втор начин на лекување е со помош на народни лекарства:
Штом некого ќе го касне змија веднаш се оди кај маж или жена кои знаат да лекуваат со баење.
Ако боли расипан заб се зема лута ракија, и таа се држи во устата.
Главоболката се лекува на разни начини: главата се подврзува со марама накисната со вински оцет; на челото се ставаат листови од зелка; се употребува богојавленска вода и т.н.
Штом ќе се појави чир се зема ситен темјан и се врзува преку него. Од тоа чирот истекува.
Ако се појави гноење тогаш на болното место се редат парчиња од црвен домат.
Болен од грип се лекува со тоа што по неколку пати пие вруќа ракија засладена со мед, или се пие варено вино со црн пипер.
Отеченото место на телото се маже со зејтин или врз отокот се става посолен кромид.
Штом некој ќе се пресече или исече, се става урина на пресеченото.
Крвава рана се посипува и соли со тутун.
Ако има брадавица тие се врзуваат со свилен конец и се чека сами да отпаднат.
Црвен ветер или еризипел се лекува со помош на баење, потоа болното место се мачка со лепешка.
За лекување на шуга се зема свинска маст измешана со ситен сулфур, па со тоа се маже телото.
На болно дете од сипаница се дава чај, топла зашеќерена ракија и т.н.
Поради сето тоа во денешната здравствена култура на селското население од кумановскиот крај се забележува: 1. постоење на слој на луѓе кои ја применуваат народната медицина наследена од далечното минато, и 2, на начин на лекување со помош на стручна медицинска служба. Ваквата положба секако ќе се одржува и покасно.