Мени

Куманово нема пари за стационар за улични кучиња, Димитриевски вели дека има иницијатива да се направи регионален центар

26.03.2026 14:28 | KumanovoNews

Општина Куманово нема пари сама да финансира изградба на прифатилиште за улични кучиња, но постои иницијатива за отворање на регионален центар кој би функционирал на принципот јавно-приватно партнерство.

Куманово нема пари за стационар за улични кучиња, Димитриевски вели дека има иницијатива да се направи регионален центар

Тој потсети дека Скопје изгради ваков центар кој чинел многу пари, а дополнително годишно се трошат околу 40 милиони денари за негово одржување, но, сепак, не е решен проблемот со кучињата скитници. - беше дел од одговорот на Димитриевски на советничко прашање како Општината планира да се справи со големиот број кучиња скитници, кои ја нарушуваат безбедноста на граѓаните..  

„Не знам дали сте биле во ваков центар. Потребни се климатизација, греење, специјални подлоги, сето ова согласно меѓународни нормативи и стандарди. Тоа не е едноставно, ќе се направи кафез и ќе се пуштат кучињата, бидејќи тогаш ќе реагираат сите здруженија за заштита на животни и ќе кажат не ги чувате кучињата како што треба. Трајно решение за кучињата во моментот нема, освен подигање на свеста на сопствениците“, додаде Димитриевски.

Тој откри дека постои иницијатива на ниво на Североисточен регион за отворање на заедничко прифатилиште кое ќе се финансира од сите шест општини, меѓутоа тоа може да се реализира само доколку се обезбедат потребните пари.

„Ако ги добиеме потребните средства планираме да направиме регионален центар, но не по принципот на Град Скопје, туку со јавно-приватно партнество. Тогаш тоа нема да биде само на товар на нашата општина туку на целиот регионот и на партнерот. За јавно-приватно партнерство може да се искористат и капацитетите на Ветеринарно- сточарски центар „Тодор Велков“, кои се наоѓаат во село Четирце, на локација на поренешени војни магацини“, кажа Димитриевски.

Градоначалникот смета дека доколку општината самостојно изгради прифатилиште, ќе се соочи со дополнителен сериозен финансиски товар за негово одржување, слично како што е случајот со Градскиот затворен базен и Пречистителната станица за отпадни води, кои генерираат милионски загуби што се покриваат од локалниот буџет, наместо да се вложат во развој на градот.

Според него, потребно е доуредување на законската регулатива, со која стриктно ќе се предвидат високи казни за сопствениците на домашни миленичиња кои не ги чипираат и имунизираат, и јасно разграничување помеѓу чување и одгледување на домашни миленичиња.

Димитриевски посочи дека и во државата постојат и други сериозни проблеми од оваа област, како што е немањето на кафилерија и гробишта за угинатите миленици, кои се погребуваат каде што ќе се стигне и со тоа се прави кривично дело.

Во Куманово врие од кучиња скитници, а постојат сомневања дека се носат и од други општини. Повеќето се мирни, но кога се движат во глутници, особено во период на парење, знаат да бидат агресивни. Често се напаѓаат и меѓу себе, што дополнително предизвикува страв кај граѓаните. Неретко и самите се жртви на несовесни поединци.

Деновиве имаше неколку напади на деца, поради што јавноста се крена на нозе и бара итно решавање на проблемот. Општина Куманово лани исплатила отштета од 65.000 евра на 43 граѓани каснати од улични кучиња.