Мени

Општина Куманово лани исплатила оштета од 65.000 евра на граѓани каснати од улични кучиња (видео)

24.03.2026 09:40 | Сузана Николиќ

Близу 4 милиони денари или околу 65.000 евра исплатила Општина Куманово минатата година на граѓани кои биле нападнати од кучиња скитници.

Парите се исплатени по правосилни судски пресуди што траеле повеќе години.

„По основ на каснување од куче, Општина Куманово во 2025 година исплатила 3.942.896 денари на 43 лица, заедно со сите адвокатски трошоци и казнени камати. Најниската оштета изнесува 17.500 денари, а највисоката 100.000 денари“, велат од Секторот за финансии.

Во Куманово врие од кучиња скитници – од Градскиот плоштад и парковите, во дворови на институции, до приградските населби и селата, но никој не знае колкав е нивниот број. Постојат сомневања дека се носат и од други општини. Повеќето се мирни, но кога се движат во глутници, особено во период на парење, знаат да бидат агресивни. Често се напаѓаат и меѓу себе, што дополнително предизвикува страв кај граѓаните. Неретко и самите се жртви на несовесни поединци.

Во Кумановската полиција, лани се евидентирани 59 пријави, од кои Општина Куманово добила нови 15 тужби. Во два случаи, исти граѓани пријавиле каснување од куче повеќе пати.

„Најмногу напади имало во централното градско подрачје, но има и случаи во околните кумановски населби. Граѓаните главно се здобиле со телесни повреди“, вели Ивана Младеновска, портпарол во СВР Куманово.

Адвокатката Драгана Илиевска - Тодоровиќ, која во моментот води повеќе предмети, вели дека граѓаните најчесто се здобиваат со рани од каснување, модринки и огреботини, но дека најтешки се психичките последици кои остануваат кај нападнатите.

„Станува збор за страв, душевна болка и времено намалување на општата животна активност. Во мојата пракса имам случај на напад врз дете. Имајќи предвид дека детето е физички послабо, полесно е да биде совладано и да претрпи посериозни повреди, а од друга страна може да се појават и долготрајни психички трауми“, вели Илиевска - Тодоровиќ.

Во Куманово нема прифатилиште за бездомни кучиња, па Општината секоја година издвојува средства за нивно заловување и згрижување. 

Од Секторот за инспекциски надзор информираат дека минатата година биле потрошени еден милион денари, додека оваа година се предвидени 1,5 милиони денари за третман на кучињата скитници.

„Лани се заловени 76 кучиња, од кои 68 се стерилизирани, а 59 се вратени на улица по вакцинација, чипирање и извршен тест за социјализација“, велат од Секторот.

Илиевска - Тодоровиќ смета дека решението на овој сериозен опроблем за градот, е во превенција и доследно спроведување на законите, како и зајакнување на одговорноста на надлежните институции, особено на општините, за навремено и ефикасно управување со бездомните животни. Дополнително, потребно е јакнење на системот за регистрација и обележување на домашните миленици, со што би се намалил ризикот од нивно напуштање – еден од главните извори на појава на кучиња скитници.

„Општина Куманово троши значителни средства за обештетување поради штети од кучиња скитници. Доколку се инвестира повеќе во превенција, би се намалил бројот на нови случаи, а со тоа и потребата од идни исплати. Така би се постигнал двоен ефект – заштита на граѓаните и поефикасно користење на јавните средства во насока на трајно решавање на проблемот“, децидна е адвокатката.

По основ на каснување од куче, Општина Куманово во 2024 година исплатила вкупно 2.540.956 денари, а биле регистрирани 54 пријави во полицијата.

И граѓаните и здруженијата за заштита на животните сметаат дека со парите кои се плаќаат како оштета и оние за заловување, може да се најде похумано решение на проблемот со големиот број на напуштени животни кои гладни и болни талкаат по улиците. Пред секои избори политичарите ветуваат дека во Куманово ќе се отвори прифатилиште за напуштени кучиња, но засега само на хартија.

 

Општина Куманово лани исплатила оштета од 65.000 евра на граѓани каснати од улични кучиња (видео)