„АБЕР 2015“ доби институционална поддршка
Локалната акциона група „АБЕР 2015“, која ги покрива руралните средини на Старо Нагоричане, Куманово и Липково е една од 13 Локални акциони групи (ЛАГ) во државата, која ќе добива финансиска и институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За таа намена со Програмата за рурален развој 2018 се предвидени 10 милиони денари. Ваквата финанасиска и институционална поддршка ќе продолжи се до акредитирање на мерката ЛИДЕР преку ИПАРД Програмата.
„Во рамките на ЕУ, ЛАГ-овите претставуваат основна движечка сила и креатор на политиките на развој на руралните општини. Облик на јавно-приватно партнерство, преку кое што членовите од руралните средини аплицираат со проекти за развој на нивните интереси и подобрување на квалитетот на живеење во фондовите на ЕУ наменети исклучиво за Локалните акциони групи. Ги повикуваме сите заинтересирани субјекти кои имаат идеи и интерес за развој на своите планови во руралните средини да не контактираат преку нашите претставници во Здржение на земјоделци или Музеј Куманово, со цел да им излеземе во пресрет“, - изјави Дејан Ѓорѓиевски, претседател на „ЛАГ- АБЕР“ 2015 Старо Нагоричане .
Решенијата за Локалните акциони групи беа доделени маната недела во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на завршната конференција од проектот на Република Македонија и Република Словенија за ЛИДЕР Пристапот во Македонија.
Како резултат на соработката со словенечкото министерство регистрирани се 13 Локални акциони групи, кои ќе добијат финансиска и институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
ЛАГ-овите претставуваат еден облик на јавно приватно партнерство во кое се вклучени самите земјоделци, земјоделските здруженија, бизнис заедницата и локалните самоуправи. На овој начин земјоделците и населението во руралните средини ќе имаат можност директно да ги посочат своите барања и потреби во однос на развивање на руралните средини, и тоа не само од аспект на земјоделството, туку и од апсект на подобрување на руралната инфраструктура, развивање на руралниот туризам и подобрување на животната средина.
Со формирањето на ЛАГ-вите во делот на земјоделството исто така се отвораат бројни можности за брендирање и промоција на македонските автохтони земјоделски производи. Со тоа ќе се зголеми препознатливоста на македонските производи за домашните и странските купувачи, што претставува директен економски бенефит за македонските производители на земјоделски производи.