Доживотен затвор за серискиот убиец Трајче Бојковски
Во Основниот суд во Куманово денеска на доживотен затвор беше осуден серискиот убиец Трајче Бојковски (26) од селото Драгомаце. Кривичниот совет го прогласи за виновен Бојковски, за шест кривични дела, четири убиства и два обиди на убиства.
Судечкиот судија Мирсад Сурои, кажа дека судот се соочи со еден од најтешките, најморничавите и најкомплексни предмети во новата судска историја во нашата држава, а казна доживотен затвор е донесена врз основа на сите изведени докази и психијатриското вештачење.
„При одмерување на казната Советот не најде ниту една олеснителна околност што би можел да ја ублажи одговорноста на обвинетиот. Напротив, неговиот криминолошки лик укажува на сторител кој манифестира крајна изопаченист и монструозност и апсолутна отсутност на човечноса. Побудите поради кои обвинетиот ги одземал овие животи, задоволување на некрофилски нагони, претставува најнизок и најтежок облик на деградирање на човечкото достоинство, сквернавење дури и по смрта на жртвите“, кажа при соопштување на одлуката судијата Сурои.
Тој додаде дека сериското одземање на животи било проследено со крајно девијантно поведение, а Бојковски не покажал емпатија и каење, поради што претставува опасност за секој подинец и нема простор за ресоцијализација, туку трајна изолација од слободното општество.
Обвинителството е задоволно од пресудата и смета дека судот правилно ја утврдил фактичката состојба.
„Судот изрече казна која е единствено можна во вакви случаи и не најде олеснителни околности. Правилно утврди дека се работи за кривични дела од најтежок облик, грозоморни убиства и дека за овој обвинет не постои можност за ресоцијализација. Со тоа е изречена единствена казна која што е соодветна, како за кривичното дела така и за сторителот“, кажа обвинителот Љубомир Лапе.
Осудениот пресудата ја прими смирено и без никаква реакција.
Бојковски убиствата ги извршил во периодот од јануари 2025 до февруари 2026, во повеќе села во Општината Старо Нагоричане.