Џамијата во Табановце ќе влезе во програма за заштита на културното наследство за 2027 година
Коџа Мехмед-бег џамијата во селото Табановце, ќе биде дел од програмата на Министерството за култура и туризам за 2027 година, за заштита и зачувување на културното наследство.
Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, минатата недела беше во посета на Куманово, при што ја посетил џамијата во Табановце, и ја нагласил потребата од посебна грижа за овој објект од османлискиот период, прогласен за значајно културно наследство во 2008 година.
„Муфтиството на ИВЗ – Куманово ја завршило првата фаза од работите на џамијата, расчистување на надворешниот простор и обележување на границите на џамискиот двор. Следните фази продолжуваат во координација со надлежните институции. Проектот за оваа џамија ќе биде дел од програмата на Министерството за култура и туризам за 2027 година, во рамките на заложбите за заштита и зачувување на културното наследство“, стои во објавата на Министерството за култура.
Министерот се сретнал и со градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, со кого разговарал за изнаоѓање решение за изградба и уредување на пристапниот пат до џамијата.
„Договорот за купување земјиште за овој пат веќе е потпишан, со што е создадена основа за натамошните чекори за подобрување на пристапот до објектот“, додаваат од Министерството.