Oпштина Куманово го објави повикот за културни манифестации за 2027 година
Општина Куманово објави јавен повик за прибирање предлог-проекти за организирање културни манифестации во 2027 година.
На повикот можат да учествуваат јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат регистрирана дејност или цели и задачи од областа на културата или социјално-хуманитарната дејност.
„Основните услови за учество се организациите да имаат седиште на територијата на Општина Куманово, да придонесуваат за збогатување на културниот живот, зачувување и афирмирање на културното наследство, поттикнување на локалното творештво и унапредување на соживотот меѓу заедниците. Заинтересираните треба да достават образец за предлог-проект, опис на манифестацијата и планираните активности, очекуваниот придонес, како и потребниот буџет со образложение на трошоците“, стои во соопштението.
Јавниот повик ќе трае до 26 ноември. Еден подносител може да достави повеќе предлог-проекти, но секој од нив мора да биде поднесен со посебен образец и да има посебен архивски број. Предвидено е секоја манифестација да се организира на различен датум, без можност за спојување на повеќе проекти од ист организатор на истиот ден.
Предлог-проектите ќе ги разгледува комисија формирана од градоначалникот, која ќе ги оценува според утврдени критериуми.
Избраните предлог-проекти ќе бидат вклучени во предлог-програмата за културни манифестации за 2027 година, која треба да ја усвои Советот на Општина Куманово. Со организаторите на прифатените проекти ќе бидат склучени договори за финансиска поддршка, со кои ќе се регулираат меѓусебните права, обврски и одговорности.
Од Општината нагласуваат дека задолжително мора да се користи образецот објавен во прилог на јавниот повик, а проектите доставени без посебен образец ќе бидат одбиени како нецелосна документација.
(фото. архива кумановоњуз)