„Еко Пчиња“ повикува на масовна поддршка на блокадата на „Краста“
Здружението на граѓани „Еко Пчиња“ ги повикува граѓаните на Куманово и околните населени места утре масовно да излезат на протестот и да ја поддржат блокадата на депонијата „Краста“, незадоволни што со години не се преземаат соодветни мерки за заштита на нивното здравје.
Блокадата ќе започне во 8 часот на локалниот пат Куманово – Пчиња, при што нема да биде дозволено изнесување на отпадот кон депонијата.
„Повеќе од шест месеци континуирано се давиме во чад. Ова е децениски проблем што директно го загрозува нашето здравје и воздухот што го дишеме. Време е конечно да му ставиме крај. Упатуваме посебен апел до жителите на Пчиња, Студена Бара, Винце, скопски Горно и Долно Коњаре, Биљановце, Доброшане, Романовце, Куманов, како и до сите останати населени места кои се директно засегнати од оваа катастрофа. Ве молиме за поддршка. Потребни сме во што поголем број – колку сме повеќе, толку погласно ќе се слушне нашиот глас. Дојдете, поддржете нè, да си го одбраниме здравјето“, апелираат од здружението.
Одлуката за блокадата доаѓа откако надлежните во Општина Куманово не ги исполниле ветувањата дадени на последниот состанок, изнаоѓање на решение за проблемот со опожарувањето на депонијата.
Иако денеска беше донесена одлука на Советот, од буџетот на Општина Куманово да се издвојат 4 милиони денари за оспособување на механизацијата која работи на затрупување на пожарот, жителите на Пчиња и Студена Бара, се договориле закажаната блокада да се одржи.