Мени

Гран при „Камера 300“ и плакета „Милтон Манаки“ за најдобар филм за „Мојот син“ на Маријан Стевановски

04.11.2026 15:35 | KumanovoNews

Филмот „Мојот син“ на проф. д-р Маријан Стевановски од Куманово е прогласен за најдобар филм на Интернационалниот фестивал на аматерски и документарен филм во Битола.

Гран при „Камера 300“ и плакета „Милтон Манаки“ за најдобар филм за „Мојот син“ на Маријан Стевановски

Во конкуренција на 92 филма, „Мојот син“ ја освои наградата Гран при (Grand Prix) „Камера 300“, како и плакетата „Милтон Манаки“ за најдобар филм на фестивалот.

Филмот е посветен на музичарот Филип Стевановски, син на авторот, кој загина во пожарот во дискотеката во Кочани.

„Наградата ми носи гордост, но и неизмерна тага во срцето. Оваа за мене не е само филмска награда. Ова е признание за еден живот, за една љубов, за еден талент што прерано замина, но остави неизбришливи траги во срцата на сите што го познаваа. Филмот „Мојот син“ е создаден од најдлабоките чувства на еден татко: од љубовта, болката, сеќавањата и непресушната желба споменот за мојот Филип да продолжи да живее. Филипе, наградата е посветена на тебе! Горд сум на тебе, но и многу тажен, сине мој. Засекогаш“, напиша професорот Стевановски.

Текстот, сценариото, режијата и монтажата се на Стевановски, додека нарацијата е на актерот Илија Волчески.

Тој се заблагодари на жирито и организаторите на фестивалот, како и на актерот Илија Волчески за емотивната нарација. Посебна благодарност упати и до сопругата Снежана, ќерката Кристина, снаата Ирена и внуката Лора, кои, како што посочува, му даваат сила на семејството да продолжи да живее со загубата.

Наградата му беше врачена викендов во Домот на културата во Битола.

Филип Стевановски, кому му е посветен филмот, беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки и директор на Центарот за култура во Штип. Почнал да свири пијано во нижото музичко училиште во Куманово на 7 години. Средно музичко училиште завршил во Скопје, на инструментот тромбон, во класата на професорот Ташко Тодоров. Дипломирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип  на отсекот класичен и џез тромбон во класата на познатиот тромбонист Кирил Рибарски, со што станал првиот дипломиран џез тромбонист. Магистрираал на џез студии кај истиот професор и станал прв магистер по џез студии во историјата на Универзитетот. Имал свој бенд „Филип Стевановски бенд“ во кој пеела неговата сопруга Ирена Крстевска-Стевановска.

Во исто време бил пијанист на популарната македонска група ДНК, како и тромбонист во светскиот џез-состав  на Владимир Четкар. Филип компонирал музика за филм. Тој ја напишал музиката за краткометражниот филм „Црно и бело“, а компонирал и песни за фестивалот Макфест и добил награда Гран при за песна чиј аранжман го направил за фестивалот Еврофест. Како пијанист ја придружувал култната српска група „Ван Гог“ на нивната концетна турнеја низ Македонија. Тој беше и уметнички директор на Кумановскиот џез фестивал.