Мени

Групата „Некст Тајм“ ќе биде главна ѕвезда на концертот за Денот на ослободувањето на Куманово

03.11.2026 18:39 | Сузана Николиќ

Групата „Некст Тајм“ ќе биде главна ѕвезда на концертот по повод Денот на ослободувањето на Куманово, што ќе се одржи на 10 ноември на Градскиот плоштад.

 

Групата „Некст Тајм“ ќе биде главна ѕвезда на концертот за Денот на ослободувањето на Куманово

Тоа ќе биде четврти настап на „Некст Тајм“ во Куманово што го организира Општината, за прославите на градот, во последните 8 години.

Првпат настапи во 2019 година, како предгрупа на Џенан Лончаревиќ, а во 2022 година беше главна ѕвезда на концертот, заедно со Лозано, Барди и Алкета. Исто така оваа група во 2019 година ја препеа и песната „Прошета се Јовка кумановка“, како дел од прославата за одбележувањето на 500 години од постоењето на Куманово. 

„Некст Тајм“ е поп-рок група, позната и по современите преработки на македонски народни и патриотски песни.

Од Фондацијата за спорт и култура, кои се организатори на концертот, велат дека и оваа година ќе им се даде простор и на локалните уметници.

„На концерт ќе настапат Анастасија Спасевска, Марио Арангеловски, Ивона Јовановиќ, Мартинијан Кириловски, Драгана Јовановска, Филип Александровски, Лука Чомбе и Чапај. Во вториот дел Барди и Young Dadi, а во третиот блок групата „Brass Brothers“ од Битола. Ѕвезди на вечерта, кои ќе го затворат концертот, ќе бидат членовите на групата „Некст Тајм“. Пејачите ќе ги придружува групата „Солушен. И оваа година сакаме празникот на градот да се одбележи со концерт кој ќе ги обедини сите граѓани на Куманово, ќе донесе позитивна енергија и ќе ја покаже моќта на музиката како универзален јазик кој не познава граници. Затоа ги повикувам граѓаните масовно да излезат на плоштадот и да ја проследат понудената програма“, изјави на денешната прес-конференција Сања Давидовиќ, директорка на Фондацијата за култура и спорт.

За целата прослава на Денот на ослободувањето на Куманово се предвидени два милиона денари, или околу 32.000 евра.

Граѓаните и опозицијата со години наназад реагираат дека општинските власти не се доволно инвентивни во изборот на музичките ѕвезди за манифестациите што се финансираат со јавни пари. Според нив, посетеноста е многу слаба токму поради тоа што постојано се ангажираат исти пејачи и музички групи кои не се доволно атрактивни за публиката. Истото се повторува и оваа година ако се погледа листата на изведувачи.

За разлика од Куманово, многу помали градови од регионот и земјата, за своите празници и манифестации привлекуваат голем број посетители, ангажирајќи познати балкански музички ѕвезди.

Пред дваесетина години и Куманово беше центар на концерти и многубројна публика, благодарение на настапите на познати музички имиња.