Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Доволни количини на серум против каснување од змии се испорачани во Општа болница од Куманово во текот на месецот, вели директорката Биљана Ивановска.
„На време спроведовме тендер за набавка на серум анти виперинум, испорачана е договорената количина. Лекот е доставен до болничката аптека и доколку се јави потреба ќе биде аплициран“, вели Ивановска.
Поради топлото време забележано е зголемено присуство на змии, по што Центарот за управување со кризи (ЦУК) упати предупредување да се внимава при прошетки во природа, но и населените места.
„Во таков случај и по прва самопомош е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош е многу важно и за што пократко време да се добие и медицински третман“, велат од ЦУК.
По строго утврден протокол терапијата се аплицира по индикација, лекарите ги проценуваат симптомите, изгледот на самата рана.
Статистиката вели дека само мал број на каснувања од отровница завршуваат фатално. Според податоците на Министерството за здравство се работи за 1-2 посто од случаите. И тогаш постои врска со коморбидитети и хронични болести на секој поединец. Задолжително е јавување во медицински центар во најкус можен рок. При каснување и од неотровни змии, оние водните, постои опасност од инфекции и во тој случај, секако мора да се побара лекарска помош.
Ветеринарите велат дека змиите најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани или случајно нагазени или наседнати тогаш може да нападнат и да каснат.
Во Куманово нема регистриран случај на каснување од змија, но лекарите апелираат граѓаните да бидат претпазливи.