Изложбата „Митологија, религија или слободна мисла“ на Трајче Чатмов во Куманово
Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово утре во 19 часот ќе биде отворена изложбата на слики „Митологија, религија или слободна мисла“ на авторот Трајче Чатмов.
Изложбата содржи дваесеттина слики од неговата најнова продукција.
Трајче Чатмов е роден 1971 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во класа на професорот Рубенс Корубин. Магистрира на истиот факултет под менторство на професорот Родољуб Анастасов.
Своето прво самостојно излагање Трајче го има непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата Охрид во 1997 година во склоп на Охридско лето и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар.
Чатмов е еден од водечките современи македонски сликари. Неговиот ликовен корпус од последниве две-три години импресионира со: бројноста и квалитетот на насликаните и изложени дела, што покажува дека Чатмов е плоден автор кој се движи по самиот врв на своето
творештво, тематското богатство кое се движи во широк распон - од акт и фокус врз одделни предмети, суштества и фрагменти, до актуализација на познати митски слики, како и на значајни епски, историски и библиски приказни, вештината на користење разнообразни вештини, меѓу коишто - акрил на платно, цртежи, акварели и лавиран туш на хартија и бројни комбинирани техники, конечно со својата ликовна поетика која ја избегнува чистата апстракција и се потпира врз начелото на алегоричната визија на светот прикажана речиси без исклучок со помош на експлозивни и страстни ликовни експресии.
Изложбата ќе биде поставена до 15. октомври.