Мени

Коалициски несогласувања ја прекинаа седницата на Советот, училиштата останаа без усвоени програми, велат од СДСМ

31.08.2026 14:31 | KumanovoNews

Советниците од коалицијата предводена од СДСМ тврдат дека денешното прекинување на седницата на Советот на Општина Куманово е резултат на несогласување меѓу коалициските партии од владејачкото мнозинство околу усвојувањето на програмите за работа на основните и средните училишта во Општина Куманово, а не поради немање кворум.

Коалициски несогласувања ја прекинаа седницата на Советот, училиштата останаа без усвоени програми, велат од СДСМ

Во соопштението доставено до медиумите, од СДСМ велат дека несогласувањата во коалицијата се на штета на граѓаните.

„Поради дилетантизмот во водењето на градот од страна на мнозинството, утре основните и средните училишта ќе ја започнат учебната година без усвоени програми и извештаи за работа. Кога личниот и партискиот интерес е над општиот граѓански интерес, иселувањето на граѓаните ќе продолжи, а со тоа и намалувањето на бројот на децата. Срамно е мнозинството, со своите недоразбирања во коалицијата, во време кога општината уназадува, а образовниот процес е пред сериозен испит, поради политичка трговија целиот град да биде заложник, а особено училиштата. Дали овие несогласувања и во иднина ќе го креираат општествениот амбиент во Куманово? Дали оваа коалиција воопшто мисли на граѓаните?“, стои во соопштението.

Денеска беше прекината седумнаесеттата седница на Советот на Општина Куманово, во моментот кога требаше да се гласа за програмите на основните и средните училишта во општината.

„Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, го образложи прекинувањето на седницата со немање кворум, што не е точно. Кворум имаше, како што имаше и коалициско несогласување во мнозинството“, тврдат од опозицијата во Советот.