Мени

„Краста“ е еколошка катастрофа, „Чистота“ нема пари за поправка на механизацијата, кажа директорот Томиќ

05.10.2026 15:50 | Сузана Николиќ

„Состојбата со депонијата „Краста“ е, ужасна и алармантна, еколошка катастрофа“, рече директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, на денешната седница на Советот на Општина Куманово, на која беше разгледувана состојбата со депонијата.

„Краста“ е еколошка катастрофа, „Чистота“ нема пари за поправка на механизацијата, кажа директорот Томиќ

Тој објасни дека пожарот на депонијата настанал на 22 септември, а проблемот се усложнил откако се расипала машината на приватна фирма со која се нанесувала земја врз отпадот. За сервисирање, пак,  на нивниот багерот, кој не работи подолго време, потребни се 4,5 милиони денари, средства кои претпријатието ги нема.

„Проблемот со „Краста“ ги надминува можностите и капацитетите на јавното претпријатие, затоа баравме помош“, рече Томиќ.

Тој посочи дека пред два до три месеци побарал поддршка од Владата, Центарот за управување со кризи, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и Општина Куманово, но од сите добил одговор дека немаат средства и ресурси предвидени во буџетите. Истовремено му било кажано дека единствена за решавање на проблемот со депонијата е Општина Куманово.

„Секојдневно ни доаѓаат инспектори за животна средина. Имаме добиено рокови што треба да преземеме, а ако не ги исполниме, ни се заканува казна од 83.000 евра. Сега, дали да плаќаме казна или да го сервисираме нашиот булдожер?“, рече Томиќ.

Тој најави дека денеска претпријатието добило машина од друга приватна компанија, а се очекува и дополнителен булдожер од скопска компанија, со што би требало да се подобри состојбата на терен.

„Со ресурсите што ги имаме работиме и се трудиме да направиме што можеме, меѓутоа се работи за огромна површина. Ѓубрето ферментира, работи и согорува. Но, што да правиме додека не се направи регионалната депонија во Свети Николе? Ако имаме машини кои ќе бидат функционални и исправни, можеме работата да ја држиме под контрола“, рече Томиќ.

Директорот побара поддршка од советниците за обезбедување средства за поправка на механизацијата, нагласувајќи дека проблемот со „Краста“ не може да го реши само јавното претпријатие.