Мени

Кружниот тек, кракот на „Октомвриска“ и новата лента на „Доне Божинов“ да бидат готови до крајот на годината, очекува Димитриевски

30.03.2026 10:56 | Сузана Николиќ

Проектите за изградба на кружниот тек и кракот на булеварот „Октомвриска револуција“, како и проширувањето за една лента на улицата „Доне Божинов“, се очекува да бидат готови до крајот на годината.

Кружниот тек, кракот на „Октомвриска“ и новата лента на „Доне Божинов“ да бидат готови до крајот на годината, очекува Димитриевски

Градоначалникот Максим Димитриевски изјави дека тендерската постапка е завршена, избран е изведувач, решени се имотно-правните односи и, доколку нема нови технички проблеми, реализацијата ќе се одвива според предвидениот план.

„Станува збор за два проекти – пробивање на булеварот и изградба на кружен тек, како и проширување за една лента на „Доне Божинов“, од „Авто Македонија“ до самиот кружен тек. Ќе се добие дополнителна лента од десната страна, а тротоарот, кој во минатото се користеше за паркирање, ќе биде наменет исклучиво за пешаци“, изјави градоначалникот.

Во моментов се работи на трасата на „Октомвриска револуција“ кон улицата „Братство единство“, во должина од 230 метри. Веќе е извршено пробивање на трасата, по што ќе следи изградба на атмосферска канализација, замена на водоводната мрежа и приклучување на гасовод и атмосферска канализација од улицата „Братство единство“.

Димитриевски посочи дека изградбата на улици во населени места е сложен процес поради недостигот на подземен катастар, што често создава проблеми со постојната инфраструктура, и ја пролонгира работата. По завршувањето на овој крак ќе започне изградбата на кружниот тек, со цел да не се наруши нормалниот тек на сообраќајот.

„Извршивме експропријација, изработивме проект, обезбедивме средства и влеговме во фаза на реализација. Но, според геометарските мерења, потребно е дополнително проширување од 1,5 метар лево и десно, што значи дека ќе треба да се отстранат потпорните ѕидови кај Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и Пензионерскиот дом. Дополнително, на таа локација има и објект за продажба на мермер, за кој е поднесено барање за легализација“, додаде Димитриевски.

Изградбата на новиот кружен тек на раскрсницата меѓу булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Доне Божинов“ требаше да започне минатата пролет. Проектот е вреден 22,6 милиони денари (околу 367,5 илјади евра).

Проектот за изградба на кракот од „Октомвриска револуција“ е проценет на околу 25 милиони денари ( околу 400.000 евра).

Тендерите ги доби компанијата „КООП инженеринг“ од Куманово.