Кумановци ќе бркаат триумф кај Работнички и ќе чекаат кикс на конкурентите
Во последното коло од најквалитетното кошаркарско првенство ќе бидат познати последните три екипи кои ќе ја формираат најдобрата шесторка која ќе продолжи во најквалитетното натпрварување, а МКК Куманово ќе мора да забележи победа против Работнички и да чека разврска од останатите натпревари за да ја дознае конечната позиција на табелата.
Денеска(недела 05.04) од 18 часот започнуваат сите натпревари во последното коло од кошаркарското првенство. ТФТ Скопје, МЗТ Скопје и Пелистер се првите три екипи кои сигурно одат во следната фаза.
Тимот на Маџари, Кожув со скор 11-10, и МКК Куманово, Тиквеш и Чаир со скор 10-11 се тимовите кои се борат за преостанатите 3 позиции од табелата.
МКК Куманово мора да забележи победа против Работнички на гостински терен доколку сака да остане во игра, меѓутоа директно зависи од финишот на останатите натпревари. Куманово има подобар меѓусебен дуел со тимовите на Чаир и Тиквеш, кои во последното коло играат на домашен терен со МЗТ Скопје, односно ТФТ кој ќе гостува во Кавадарци.
Маџари и Кожув се двата тима кои имаат подобар меѓусебен дуел. Маџари ќе игра против Ангели кои се последни на табелата, а Кожув го пречекува тимот на Пелистер.
Натпревар кој влијае само на распоредот во Плеј-аут од последното коло се игра во Гостивар, каде домашниот состав ќе се сретне со Феникс 2010.
Куманово ќе чека пораз на директните конкуренти, кои играат против првите 3 екипи во првенството. Последното коло ќе решава и кој ќе заврши на првата позиција на табелата, што ќе донесе предност на домашен терен, а за МКК е битно тоа што сите екипи ќе имаат натпреварувачки карактер и нема да дојде до одмарање на најдобрите играчи во последното коло.