„Куманово у срце“ – прва книга на Олгица Димитријевска што ја слави душата на градот
„Ск сам пензионерка. Ја и мое „југо“ смо олтајмери. Лепени, фарбани и шминкани, ама имамо голему вредност. Године су само бројка. Како „југо“ нема друго, а за себе саму немам речи.“
Ова се стихови на нашата сограѓанка Олгица Димитријевска, од нејзината прва книга „Куманово у срце, Куманово у душу – поносна кумановка“, која неодамна беше промовирана пред кумановската публика. Станува збор за поема на кумановски дијалект, во која авторката на оригинален, искрен и хумористичен начин, ги опишува случувањата од нејзиниот живот, но го прикажува и животот во градот, претставувајќи ги навиките, менталитетот и особеностите на кумановци, не избегнувајќи ги ни актуелните општествени прашања - наместа и со критичен тон.
Идејата за вакво дело постоела одамна, но откако станала пензионерка, Оле конечно добила време да ја оствари својата долгогодишна желба. И требале неколку години за да ја доврши книгата, која ја започнала уште додека работела, „кога и тргнала мислата“, како што вели таа.
„Прв мотив ми беше тоа што многу си го сакам Куманово. Цел живот работев за поубав и посовремен град – и како планер-урбанист, и со изградбата на гасоводната мрежа. Поезијата е израз на почит и благодарност. Отсекогаш сакав да напишам нешто што ќе остави трага за идните генерации, нешто што ќе биде слика на времето во кое живеев. Животот ми беше едно големо патешествие, со милион предизвици… А сепак, го имав најубавото и најсреќно детство, иако беше сиромашно. Во она време имаше голема слобода, а ние – со другарите од основно, гимназија и подоцна на факултет – бевме исполнети со живот. И подоцна, кога се вработив, кога се омажив и ги добив децата – тоа беше посебен период“, раскажува Оле.

Оваа тивка и трудољубива жена вели дека љубовта кон пишувањето ја носи уште од основното училиште, а за тоа најмногу е заслужна нејзината професорка по македонски јазик, Нада Виденова. Таа ја научила да чита книги и ѝ го всадила пишаниот збор како нешто што ќе ѝ го облагороди мислењето и животот.
„Во петто одделение, како подобри ученици, нè зачлени во литературната секција и ни рече дека секој ден треба да прочитаме по 50 страници од книга. Ние не можевме да поверуваме каква задача добивме. Таа ни објасни дека на почеток ќе ни биде тешко, но потоа ќе ни стане навика. И навистина беше така – се навикнавме. Кога почнав да пишувам не бев некоја поетеса, ама секоја следна песна беше подобра од претходната и почнаа да ми ги објавуваат во тогашното списание „Пламенче“. Подоцна пишував реферати и текстови за Крсте Мисирков, за Тито, за Куманово, за празниците… Во гимназија продолжив уште посериозно. Еднаш напишав состав од осум страници – професорот Благоја Игњатовски – Жабац беше воодушевен. После тоа, немаше тема на која не добивав задача. Најчесто пишував во еден дах, кога ќе ми дојде инспирацијата. Така е и денес. Така беше и за текстот за изложбата на Шипе, за Карпино и многу други“, вели Оле.
Иако сакала да стане професорка по македонски јазик и писателка, во гимназија кај неа се разбудил нов интерес – природните науки, а особено ја привлекувала нацртната геометрија. Тоа било пресудно да се запише на Факултетот за архитектура и да стане дипломиран инженер архитект.

„Нацртаната геометрија е специјален талент за простор – тоа не може секој да го има. Таа и математиката ме 'зафркнаа' да одам на архитектура. Искрено, подобро ќе поминев во животот како професорка – немаше толку да се мачам. Трипати бев прогласена за технолошки вишок и кога професијата ми беше дефицитарна, имаше многу проблеми. Никогаш немав грб што ќе ме штити. Верував дека професијата и работата се доволни да останам на работното место. Но, не било така… Неспособните остануваа, а јас морав да заминам“, раскажува Оле.
Нејзина најголема поддршка во животот бил нејзиниот сопруг – актерот и сликар Драгиша Димитриевски – Шипе, кој за жал почина пред 12 години по кратко боледување. Грижата за него и борбата да му ги олесни последните денови оставиле големи траги на нејзиното здравје. Љубовта со Шипе започнала уште во гимназија – тој, како гимнастичар и уметничка душа, веднаш ја освоил. Нивните две деца денес ја продолжуваат уметничката традиција – ќерката Дафи е архитектка, а синот Мишо актер.
Најголема среќа денес ѝ се токму тие, а најголемо богатство – десетгодишното внуче Дами, кое ѝ е најголема инспирација да ги надмине сите потешкотии што ги носат животот и нарушеното здравје.

„Сега како пензионерка сум слободна. Имам време за сè, а најмногу за внучето Дами. Ние сме креативни – цртаме, боиме, конструираме. Уживам во неговото друштво – тоа е најубаво поминато време. Можам да си дозволам ништо да не работам и да си го организирам денот како што сакам“, вели Оле.
Во слободно време Олгица, покрај пишувањето, сака да одгледува цвеќе дома и на викендичката.
На кориците на нејзината книга се насликани булки – симбол на издржливост, убавина, револуција и непокор. Иако нежни и кревки, нивниот алов цвет го симболизира борбениот дух и крвта што се дава за слобода. Тоа е и пораката на нејзиниот живот.

Покрај богатата професионална кариера, Олгица еден мандат беше и советничка во Советот на Општина Куманово како членка на Комунистичката партија, а активно учествува и во други здруженија.
Оле планира и понатаму да пишува, а нејзина голема животна желба е да ги обедини сите книжевни творци во едно здружение што ќе го носи името „Куманово“.
Првата книга на Олгица Димитриевска е топла поема посветена на Куманово – градот што го носи во срцето цел живот. Низ стихови напишани на кумановски дијалект, таа споделува љубов, носталгија, храброст и спомени што не избледуваат.

На нашу планету Земју
Има една мала, малечка тачка
Што за мене живот значи.
Може да помислите на некоју шупу, племју
Ама за мене е сарај.
Може да помислите на некое селче - небитно мeстенце,
Ама за мене е рај.
Тој е Куманово мое мило,
Што у срце, длибоко ми се свило.
Куманово мое најмило, много те сакам.
И к`д сам дома
и к`д у странство акам.
Како медаљу те носу на груди
На сл`нце, град и кише луди.
…