Мени

На диво наплаќале влезници за „Камени кукли“, туристите ги заплашувале со куче

08.06.2026 15:51 | Сузана Николиќ

На локалитетот „Камени кукли“ во кратовското село Куклица, жители наплаќале влезници на туристи, тврдејќи дека локалитетот е во нивна сопственост.

На диво наплаќале влезници за „Камени кукли“, туристите ги заплашувале со куче

Еден од посетителите алармираше за проблемот и побара од надлежните институции да преземат мерки за да се спречи самоволието на неколку лица кои ја нарушуваат сликата за државата.

Тој тврди дека вчера откако одбил да плати влезница, жена му го блокирала патот и не му дозволила да влезе, по што до локалитетот стигнал по алтернативен пат и разговарал со измамените посетители.

„ Косовски државјани влегле откако платиле по 10 евра по лице. При претходната посета им биле наплатени по 20 евра. Им било кажано дека куклите се приватна сопственост и тие поверувале, бидејќи никој не им ја кажал вистината. Странски државјани кои доаѓаат да ја видат убавината на Македонија се соочуваат со изнуда. Младенци, пак, плаќаат за свадбени фотографии. Луѓето се принудени или да платат или да се вратат“, напиша М. С., кој испрати фотографии до медиумите.

Од СВР Куманово потврдија дека вчера кај нив бил пријавен случајот, за што бил известен јавен обвинител од ОЈО Куманово. Од ОВР Кратово дополнително ќе бидат известени Државниот пазарен инспекторат, УЈП, Трудовиот инспекторат, надлежен инспектор од Министерството за култура и Општина Кратово, за преземање мерки и активности од нивна надлежност.

Оттаму додаваат дека проблемите на овој локалитет траат уште од 2024 година.

„Од ОЈО Куманово е поднесен обвинителен акт против лицата С.Д. и М.Д., како и против здружението „Извор“, за кривично дело „узурпација на недвижности“ по член 225 став 1 од Кривичниот законик. Против лицето С.Д. е изречен и казнен налог поради закани со пуштање куче кон туристи кои го посетиле локалитетот „Камени кукли“ во село Куклица. Во 2026 година против С.Д. и нејзиниот сопруг Е.М.Б. е поднесена кривична пријава по член 382 став 3 од Кривичниот законик за „спречување службено лице во вршење службено дејствие““, велат од Кумановската полиција.

Од Општина Кратово во соопштение признаваат дека подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држен во владение од страна на Здружението „Извор“ од Кратово, како и од одговорното лице М.Д. и неговата ќерка С.Д.Б.

„Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи. Дополнително, тие сериозно ја загрозуваат сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и закани со кучиња“, стои во соопштението.

Општината поднела тужба против узурпаторите и веќе има пресуда со која тие се задолжуваат да му го предадат во владение на тужителот – Општинската установа „Музеј на град Кратово“ – предметниот објект со утврдени мерки и граници, како и дрвената куќичка (брвнара), и да го ослободат просторот од сите предмети и ствари во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

„Пресудата е обжалена и во моментов се наоѓа пред второстепена судска инстанца. По нејзината правосилност, Општина Кратово очекува брзо и ефикасно спроведување преку овластен извршител и со поддршка од надлежните државни органи, вклучително и Министерството за внатрешни работи. Покрај оваа парнична постапка, Општина Кратово има поднесено и повеќе кривични пријави за узурпација на недвижности, кои сè уште се во постапка пред надлежното обвинителство, како и голем број претставки и писмени поднесоци до надлежни институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи. Голем број претставки биле поднесени и од оштетени граѓани. За жал, до овој момент немаме добиено информации за конкретно преземени активности, туку само паушални констатации“, велат од Општината.

Од Општина Кратово, додаваат  дека останува посветена на заштитата на јавниот интерес, законитото управување со природното наследство и безбедноста на граѓаните и посетителите во рамките на своите надлежности, но очекува поголема вклученост и ажурност и од останатите надлежни институции.